Од денес официјално ја преземав функцијата претседател на СДСМ. Ова е огромна чест и одговорност и се обврзувам да ја водам партијата чесно и одговорно, напиша на својот фејсбук профил новиот лидер на СДСМ.
– На досегашниот претседател Зоран Заев му се заблагодарив за храбрите одлуки кои ги донесе за државата и успешното раководење со СДСМ, посакувајќи му многу здравје и среќа во личниот и професионалниот живот. Му ветив дека ќе ја негувам социјалдемократијата, силно ќе го штитам единството, слободата и демократијата, а СДСМ ќе остане столб на државноста. Нашата партија го има најдобриот кадровски потенцијал, истакна Ковачевски.
Вети дека ќе избера мудро и одговорно раководство кое ќе не однесе во нови победи и ќе работи посветено во интерес на сите граѓани.
– Веќе од утре започнувам со првите партиски активности и реорганизација, додаде Ковачевски.
Промени во раководството на СДСМ ќе има, но сепак ќе останат и дел од актуелните функционери.
– Согласно со процедурите ќе имаме седница Централен одбор на која ќе ги информирам за разговорите со коалиционите партнери. Планирам да предложам неколку нови членови на ЦО и раководство на партијата кое ќе вклучува членови и на постојното, но и нови лица, изјави Ковачевски.
Ковачевски не откри детали кој ќе замине, а кој ќе остане.