Претседателот Ѓорге Иванов ја одобрил целата листа од 25 нови амбасадорски именувања, што значи дека половината од нив веќе сега знаат која ќе им биде следната дестинација, иако не знаат кога ќе заминат на новата функција, објавува Утрински.
Во МНР официјално објаснуваат дека заминувањето на амбасадорите зависи од повеќе фактори, споменувајќи го мандатот, остварените цели со кои заминале, а пред се’ буџетот, или во превод сите ќе заминуваат различно во зависност од парите со кои ќе располага Министерството.
На листата e и екс- министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, кој треба да замине за амбасадор во Загреб на местото на бившата стјуардеса и претседателка на Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Караѓозоска, која пак ќе замине во Канада.
Во јавноста предизвика бранување веста дека сопругата на амбасадорот во НАТО, Мартин Треневски, Василка Треневска, биостатистичар по професија, оди во НАТО како наследник на сопругот. Најновата вест е дека таа заминува во Виена, а во Брисел оди Зоран Дабиќ, досегашен амбасадор во ОБСЕ.
За амбасадорското место во Вашингтон македонските медиуми шпекулираат со екс-вицепремиерот за евро-интеграции Васко Наумовски, додека за Москва, за Никола Димитров, актуелен амбасадор во Хаг.
Некои од амбасадорските решенија именувани од ВМРО-ДПМНЕ сепак остануваат во странство па така екс-амбасадорот во Австралија Перо Стојановски, познат по љубовна афера која заврши со судски епилог, веќе се иселил во Мелбурн, а работа си барал на овој континент и неговиот заменик Констадин Тасевски, откако привремено бил вратен во земјава поради ненаменско трошење пари и против него, неофицијално, се води истрага во МНР, пишува Утрински.