Многумина реагираа негативно откако 12 фудбалски клубови најавија дека сакаат да формираат своја лига која ќе биде посебна од Европската Фудбалска Асоцијација (Уефа). Сите 12 клубови имаат многу моќ и се меѓу најбогатите фудбалски клубови во светот. Дел од оваа наводна Европска Супер Лига се: Арсенал, Челси, Ливерпул, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Атлетико Мадрид од Ла Лига, Барселона, Реал Мадрид, и Милан, Интер и Јувентус од Серија А.
Уефа смета дека овој обид е „циничен проект“. Имаше негативни реакции околу оваа идеја и од политичари кои се наоѓаат на различни страни на политичкиот спектар. Британскиот десничарски премиер Борис Џонсон дека плановите на потенцијалната Супер Лига ќе бидат „многу штетни за фудбалот“ и дека владата на Велика Британија ги поддржува надлежните органи на спортот „да преземат мерки“. Исто така реагираше лидерот на центар-левите лабуристите во Британија, Кир Стармер, кој рече дека вклучените клубови треба „веднаш да размислат“ или „да се соочат со последиците од нивните постапки“.
„Овој предлог ризикува да им ја затвори вратата на навивачите засекогаш, сведувајќи ги на на обични гледачи и потрошувачи“, рече Стармер. Одговорот на Стармер имплицира дека фудбалот не е (или не би требало) да биде производ кој се конзумира туку дека тоа е спорт кој создава заедници.
Претседателот на Франција, центристот Емануел Макрон исто така рече дека „ја поздравува позицијата на француските клубови да одбијат да учествуваат“ во Европската Супер Лига за која тој смета дека “го загрозува принципот на солидарност и спортски заслуги.“
Здружението на европски клубови (ЕЦА), кое ги претставува европските клубови, во неделата одржа итен состанок во пресрет на извештаите за оваа лига. BBC Sport известува дека иако клубовите од потенцијалната Супер Лига биле поканети на овој состанок, ни еден клуб не присуствувал. Во една изјава, ЕЦА изјасни дека ќе биде „силно спротивставена“ на „затворениот модел на супер лига“. Премиер лигата соопшти дека Европската Супер Лига ќе го „уништи“ сонот на навивачите дека и „нивниот тим може да се искачи на врвот и да игра против најдобрите“.
Иако очигледно идејата за Европската Супер Лига е непопуларна и добива негативни реакции од многу страни, Бен Џојс објаснува во својот напис за британското списание Tribune дека тоа што го гледаме денес не е аномалија туку дека европскиот фудбал веќе подолго време оди во оваа насока. Џојс пишува дека пред само неколку месеци, елитните клубови од Премиер лигата (меѓу кои биле и шесте британски клубови кои сакаат да се придружат на Супер Лигата) се обидоа да ја централизираат контролата врз структурата на гласањето во Премиер лигата, но дека тоа не успеало. Џојс смета дека низ годините фудбалските клубови се одделиле од нивните локални заедници и полека станале еден вид брендови– на пример, Манчестер Јунајтед има проценета вредност од 1.65 милијарди долари.
Џојс го пишува следното: „ Но, по толку многу години кога се чинеше дека играта ја губи својата душа поради [притисокот] на пазарот, зошто тогаш плановите на Европската Супер Лига особено ги погодија толку луѓе сега? (…) На крајот на краиштата, финансиската структура на модерната [фудбалска] игра сè повеќе води кон тоа да истите тимови се натпреваруваат секоја година. Европската Супер Лига брзо стана симбол за многу подлабока болест: како и во многу други сектори на нашата економија и општество, тоа е приказна за „големите момчиња“ кои доминираат и централизираат моќта по цена на сите други.“
Џојс смета дека ова е системски проблем кој нема едноставно решение, но тој го спомнува германскиот економски модел за фудбал каде фановите на еден тим се делумни сопственици како потенцијално решение. Всушност, два големи германски тимови кои го користат овој економски модел се противат создавањето на Европската Супер Лига: Баерн Минхен и Борусија Дортмунд.
Со тоа што многу различни регулаторни тела се инволвирани во оваа ситуација, како и фанови на фудбалот кои се противат на оваа потенцијална промена, не е јасно дали воопшто ќе може да се формира оваа Европска Супер Лига. Сепак, самиот обид за оваа лига укажува на различните конфликти на интереси кои се сѐ поприсутни во европскиот фудбал.
Елена Гаговска