Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Крвта на невините, фантазијата за Нобелова награда и сцената за легитимирање на злосторникот од Кремљ

0
By Zoran Ivanov on August 10, 2025 ВОЈНА ВО УКРАИНА, ИЗБОР
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Додека Трамп се средува пред огледало за да се сретне со Путин на Алјаска, светот се соочува со уште едно поглавје на измама платена со крвта на невините – за ракување со рускиот касапин, што ќе чини нови животи, придружено со аплаузот на оние што ги поистоветуваат воените злосторства и дипломатијата. Средбата на Алјаска нема да донесе мир или напредок, туку само повеќе простор за еден разулавен, со крв извалкан деспот и неговата држава терорист, додека Трамп ужива во својата фантазија за Нобелова награда за мир. Да видиме што – нема – да се случи на Алјаска.

Џабир Дерала

Светот нема луксуз да ги затвори очите пред темнината што ја опкружила човечноста. Некои работи мора да се кажат – и да се запишат во светската меморија – без оглед на тоа колку умови ќе бидат вознемирени, а колку носители на одлуки ќе бидат алармирани.

Путин купува време – со крв. Повторно. А претседателот на САД, Трамп, му го овозможува тоа лично – овој пат со средба во Алјаска. Да се запамети: оваа средба со воениот злосторник нема да донесе мир или напредок. Ќе донесе само повеќе простор за државата-терорист Русија и нејзиниот разулавен и со крв извалкан деспот. Ќе фрли уште погуста магла врз и онака збунетиот свет, додека Трамп, во својата вообичаена помпа и вулгарност, се обидува да ги продаде своите хаотични фантазии како реалност.

Ние – луѓето кои ја плаќаат цената на војните и лагите со кои тие почнуваат – сме го виделе ова и порано, многу пати, особено со рускиот тиранин. Секое ракување со него значи уште еден испукан куршум, уште еден загубен живот. Уште еден момент во историјата врежан со последиците кукавичлукот, заблудата, суетата и алчноста – и, конечно, со умилкувањето. Срамно, непростливо и понижувачко откажување од одбраната на темелите на нашата човечност: слобода, солидарност, мир и правда.

Путин – шеф на мафијашка држава и воен злосторник – е мајстор на измамата кој го облекува теророт како дипломатија и ја продава масовната ликвидација како „мир“ и „одбрана“. Секој збор од Кремљ е конструиран да ја изврти реалноста, да ги искриви фактите сè додека вистината не стане непрепознатлива – па дури и спорна. Со децении ја усовршува уметноста на купување време со лаги, глумејќи преговори додека го планира следното освојување, следното злосторство. На неговата пружена рака има отров, а неговите ветувања се стапици. Оние што му веруваат – или не го познаваат, или не им е грижа за крвта на неговите раце, или следат интереси што немаат никаква врска со демократијата, правдата и слободата.

Путин ќе го изеде Трамп за појадок. А Трамп – насмеан – ќе се лизне надолу по грлото на овој лик обучуван во КГБ, па уште и ќе му заблагодари за привилегијата.

Кремљовскиот касап најдобро се чувствува во темните сенки меѓу вистината и лагите, користејќи ги дезинформациите како оружје, смртоносно како и секој проектил што го насочува против цивилите во Украина. Во светот на Путин, секоја трагедија е можност, секое примирје – пауза за повторно полнење. Тој го претвора човечкото страдање во заложништво, држи цели нации како заложници – од бојното поле до судовите на глобалното јавно мислење и креирање политики. Неговата „дипломатија“ не е ништо повеќе од војна со други средства – сцена на која ја игра улогата на „разумен“ државник, додека неговата воена машинерија врши ужасни, систематски воени злосторства. Во меѓувреме, кремљовската пропагандна машинерија, спакувана како медиумска сцена, ја крунисува деструкцијата и геноцидот како правда, света мисија или национална одбрана. Разузнавачко-воената структура на Кремљ спроведува операции на влијание низ европските општества, ги корумпира и ги претвора во нестабилни, фрагментирани маси. А сето тоа е едногласно заверено од послушната Дума.

И сепак, одново и одново, светот го толерира овој театар, надевајќи се дека овој пат ќе биде поинаку – дека ликот кој профитира од смрт ќе почне да се грижи за животот. Тоа никогаш не се случува. Од Грозни до Алепо, од Крим до Мариупол, шемата е иста: уништување, негирање, измама. И убивање. Бескрајно убивање. Сè сведува на крвави пари, пустош и трупови. Секоја средба што го третира Путин како легитимен партнер е огромен чекор далеку од мирот, а чекор поблиску до стапицата што ја поставува со децении – стапица намачкана со лажна надеж и запечатена со крв. Тоа е како убиецот да седи покрај судијата за да ѝ изрече пресуда на жртвата.

Додека Путин ја користи средбата за да купи време за уште убиства, Трамп ќе ја искористи за да ја храни својата суета. Опседнат со фантазијата за Нобелова награда за мир, ќе се фали и кити, убеден дека ракувањето со воен злосторник го прави миротворец. Да се надеваме дека Нобеловиот комитет ќе ги задржи интегритетот и независноста. Во реалноста, тоа го прави Трамп – и целата негова циркуска свита – ништо помалку од соучесник. Во својата вообичаена помпа и вулгарност, ќе се обиде да ги продаде своите хаотични фантазии како реалност – а пропагандните машини во Москва и слични на нив радосно ќе го напумпаат спектаклот.

Пред средбата во Алјаска, креаторите на сценарија и самољубивите „експерти“ ќе бидат зафатени со преплавување на етерот и страниците со своите „генијални“ анализи. Ќе усцртуваат замислени придобивки, ќе шпекулираат за тајни договори и ќе го претставуваат ова гротескно шоу како дипломатија. Истиот овој коментаријат (да воведам нов израз), инаку лојален хор во театарот на измамата, повторно ќе се однесува како воениот злосторник од Кремљ да е државник, а дека хаотичното позирање на Трамп е стратегија. Но, сè е театар, создаден за оние што профитираат од хаосот, а смртоносен за оние што ја плаќаат „влезницата“ со крв.

Историјата нема да ја запамети ваквата дипломатија како обид за постигнување мир. Далеку, многу далеку од тоа. Ќе се памети како гротескен театар во кој на воен злосторник му беше даден легитимитет наместо да се соочи со правдата. Уште една фото-сесија на еден тиранин и самопрогласен кандидат за Нобелова награда, во време кога на светот очајно му се потребни решителност, единство и храброст за бескомпромисна борба против злото. На средбата во Алјаска, сѐ што може Трамп да му понуди на Путин е сцена, но ние мора да одбиеме да аплаудираме. Мора да ги именуваме лагите, да ја отфрлиме измамата и да застанеме на страната на оние што се борат за слобода и опстанок. Да се постапи поинаку е соучесништво — од најлош вид.

Текстот е сопственост на ЦивилМедиа.мк

 

колумна Џабир Дерала
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

ИПСОС: Популарноста на Макрон на најниско ниво откако е на власт

September 15, 2025

Рајт: Нуклеарната програма на Иран треба целосно да биде прекината

September 15, 2025

Руска служба за надворешно разузнавање тврди: ЕУ подготвува „Мајдан“ во Србија

September 15, 2025

Контролирана експлозија уништи експлозив ставен пред хотел во Драч, Албанија

September 15, 2025

„Старлинк“ објави прекин на услугата на веб-страницата, илјадници корисници се погодени

September 15, 2025
ФОКУС

Шест месеци од трагедијата во Кочани – утре протест во Скопје

ВЕСТИ September 15, 2025

На плоштадот во Скопје, утре симболично во 20:16 часот, ќе се одржи тивок собир за…

ЈО: По пожарот во Трубарево радијација не е измерена, контаминацијата е хемиска

September 14, 2025

Трамп до НАТО: Не ми го трошете времето – ќе воведам големи санкции за Русија кога сите ќе престанете да купувате нафта од неа

September 13, 2025

Брисел: Албанија се поблиску до ЕУ – отвора уште еден кластер во преговорите

September 13, 2025
CIVICA
ТИКЕР

ИПСОС: Популарноста на Макрон на најниско ниво откако е на власт

September 15, 2025

Рајт: Нуклеарната програма на Иран треба целосно да биде прекината

September 15, 2025

Руска служба за надворешно разузнавање тврди: ЕУ подготвува „Мајдан“ во Србија

September 15, 2025

Контролирана експлозија уништи експлозив ставен пред хотел во Драч, Албанија

September 15, 2025

„Старлинк“ објави прекин на услугата на веб-страницата, илјадници корисници се погодени

September 15, 2025
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.