Автор: Луми Бекири, Студентски пленум
За разлика од поголемиот дел од граѓаните кои што истрелите ги разбудија од сон, мене не ми дозволија ни да заспијам. Уште од раните часови се слушат истрели во самиот град на Куманово.
Преплашени лица на балконите следат што се случува, стравот за иднината и срамот што се довеле до овој степен ги спојува и Албанците и Македонците и сите оние етнички заедници кои се дел од оваа “Југославија во мало”.
Во целиот тој страв и срам што го голта Куманово, срцето ми го стоплуваат соседите Македонци, Срби, Роми кои рано изутрина тропнаа на мојата врата за да покажат дека тука се, сите сме заедно во ова, колку и проклето тешко да е! Кому му служат војните? Кому му служат одземените човечки животи?
На народот сигурно не, ниту на “овој”, ниту на “оној”. Го слушаме и следиме теророт што се случува во одредени места низ градот и се прашуваме “зошто?”. За кого?
Тогаш ми текнува стихот на Архангел – војна е девојка, која нема милост ниту за еден свој љубовник.
Куманово има поминато многу тешки мигови низ историјата! Ќе го помине и овој!
Толеранцијата во градот на толерација не може да се уништи!
Текстот на Луми Бекири е напишан за НОВА