Во очекување Брисел да ни каже дали комесарот Јоханес Хан одлучил да дојде во Скопје во петок или пак ќе ги покани четворицата лидери во Брисел, министерот за надворешни работи на Холандија и актуелен претседавач со ЕУ Берт Кундерс, изјави дека во петок ќе биде подготвен извештајот на ЕУ и на САД за (не)примената на договорот од Пржино.
На прашањето дали смета дека избори треба да се одржат на 24 април 2016 година како што пишува во договорот од Пржино тој за НОВА рече:
– Јас не сум тој што треба да оцени дали има услови за одржување избори. Во петок ќе излезе извештај на ЕУ и на САД. Мислам дека е апсолутно витално да има напредок во деловите како прочистување на гласачкиот список и медиумите и крај на заробеништвото на државата со раздвојување на политичките партии и државата. Јасно е дека е одговорност на политичките партии да го одлучат денот на изборите.
Кундерс смета дека Македонија, во однос на бегалците и границата, донела храбри одлуки и не гледа врска помеѓу бегалската криза и македонската внатрешна криза. Холанѓанецот пред неколку дена беше во Македонија и на границата со Грција за да види каква е таму состојбата:
– Видов дека има систем на регистирање и хуманитарна помош кои се доста ефикасни. Тоа е помош и за другите земји и е позитивно. Внатрешната криза е друга тема. Можно е договорот да биде применет. Извештајот во петок ќе дојде од луѓе кои подобро ја следат ситуацијата од мене.
Во меѓувреме стасуваат вести од Брисел дека комесарот Хан можеби нема да дојде во Скопје туку ќе ги викне претседателите на четирите партии во Брисел. Неговите портпароли не можат се уште да го потврдат тоа.
Но по средбата со нашиот министер за европска интеграција Фатмир Бесими, Хан изјави дека датумот на изборите зависи од оценката на ОБСЕ/ОДИХР и на Државната изборна комисија (ДИК). Тие треба да кажат дали се исполнети сите услови кои ќе овозможат кредибилни избори во април.
– Одржувањето на изборите зависи од оценката на меѓународните институции и на Државната изборна комисија, односно од зрелоста на подготовките за изборите, изјави еврокомесарот Хан.
Врз основа на оценката на ОБСЕ/ОДИХР и на ДИК, ЕУ и САД ќе го дадат своето мислење за датумот на изборите но финалната одлука ќе треба да ја донесат четирите партии потписнички на договорот од Пржино.

