Американскиот кантавтор, Боб Дилан денеска конечно ќе го прими француското признание Легија на честа кое претходно беше проследено со полемика поради неговото „неславно минато“. Дилан моментално престојува во Париз каде треба да одржи три концерти.
Високото одликување кое ретко се дава на странските уметници, на Американецот ќе му биде доделено по предлог на француската министерка за култура Орели Филипети, која претходно потврди дека е фан на неговата музика.
Изборот на Дилан предизвика контроверзност во јавноста на почетокот на годината. На неговата номинација се противеше генерал Жан-Луј Жоржелан, канцелар на Легија на честа, кој смета дека пјачот не е достоен за одликувањето поради неговото неславно минато и хаотичен живот.
На Боб Дилан му е замерено за експериментирање со дроги и анти-воен ангажман.
Советот на Легијата сепак го одобри признанието, истакнувајќи го во прв план неговиот статус како „значаен светски музичар и голем поет“.
Помеѓу претходните добитници на признание од Легијата на честа, која е востановена во 1802 година од страна на Наполеон, се Пол Мекартни, Лајза Минели и Клинт Иствуд.