Автор: Михаил Мице Бошковски
Во светската популарна музика постојат повеќе примери на песни кои бројат десетици години од своето прво издавање, но кога ќе ја чуете повторно во некоја верзија што не сте ја слушнале пред тоа, во вас пак предизвикува возбуда како првпат да ја слушате.
Не случајно ги нарекле „евергрин песни“, или песни „за сите времиња“. Една од нив, секако е „Les Feuilles Mortes“ („Мртви лисја“). Сум ја слушнал барем во стотина различни интерпретации, иако се претпоставува дека е снимена во преку 600 евидентирани верзии.
Барајќи ги корените на песната се доаѓа до Јозеф Косма (на француски Жозеф, на англиски Џозеф). Унгарец од еврејско потекло. Роден е во Будимпешта во 1905 г., умира во Франција во 1969 г.
Завршил академија за музичка уметност, а своето школување го продолжил како стипендист во Берлин. Таму останал од 1928 до 1933 година. За тој период се оженил и се запознал со славниот Бертолт Брехт (1898 – 1956), најпознатиот германски поет, драматург, теоретичар на уметноста и режисер.
Но за жал, морал да ја напушти Германија пред налетот на нацистите и како евреин емигрирал во Париз. Таму, меѓу другите се запознал и со славниот француски поет, писател и сценарист Жак Превер (1900 – 1977). Во тоа време французите го обожаваат и го сметаат за вистински народен поет на Париз. Превер, го прифаќа Косма и го засолнува во еден кварт во Париз и долго време го држел во домашен притвор. Иако ранет од бомба, Косма успеал да преживее. Преживува и неговиот татко кој умрел во 1957 г., а мајка му и брат му станале жртви на нацистите.
Јозеф Косма и сценаристот Жак Превер
Иако изолиран во домашен притвор, Косма со помош на Превер пишувал музика за филмови. Така настанала и соработката за филмот „Les Portes De La Nuit“ по сценарио на Превер, кој бил снимен веднаш по Втората светска војна во 1946 година. Тука се вклучува и третата клучна личност во оваа приказна, тогаш младиот, неафирмиран но многу талентиран пејач и актер во филмот – Ив Монтан.
Ив Монтан, актер и пејач
Во овој филм за првпат била употребена темата „Les Feuilles Mortes“ (текст на Превер), со која Монтан за првпат се среќава а подоцна ќе стане негов заштитен знак. Филмот доживеал финансиски крах и во денешно време повеке е познат по песната што произлегла од него.
Ив Монтан иако бил на почетокот на кариерата, со многу труд и се голема помош на славната Едит Пјаф со која имал двегодишна романса, успеал да прерасне во забавувач од врвен формат. Пјаф успеала да го среди неговиот живот, имиџ и репертоар и да го насочи кон шансоната. Инаку, Ив Монтан е италијанец. Роден е во 1921 г. Вистинското име му е Иво Ливи. Татко му бил комунист и бил прогонуван од италијанските власти, затоа во 1924 година семејството се населува во Марсеј.
Ив Монтан долго и по Втората светска војна ги симпатизирал комунистите, но по смртта на татко му, се тргнал од политиката.
Се оженил за актерката Симон Сињоре во 1951. Остануваат заедно до нејзината смрт 1985. Бил многу популарен во Советскиот Сојуз, каде што бил на турнеја во 1956, непосредно по влегувањето на руските тенкови во Унгарија. По концертот во Москва имал четири часовна средба со тогашниот прв човек на СССР Никита Хрушчов жестоко спротивставувајќи му се на руската инвазија.
Во следната година има триумфална турнеја по земјите од Источниот блок. Разбирливо, поради својот политички бекграунд, долго не бил пожелен во САД, сепак во 1959 година настапува како вистинска ѕвезда. Таму се запознава со Мерлин Монро која во тоа време била мажена за Артур Милер. Играле заедно во филмот „Let’s Make Love“ (1960).
Следува бурна романса со многу афери и написи по весниците. Монтан ја прекинува врската и се враќа кај својата сопруга и сепак го одржува бракот до крајот на нејзиниот живот. Потоа се жени со младата соработничка Кaрол Амиел со која го има единственото дете Валентин во 1988. Три години подоцна Монтан умира од срцев удар.
Голема заслуга за успехот на „Les Feuilles Mortes“ има и славниот американски композитор, текстописец и пејач Џони Мерсер (1909 – 1976), кој го препеал текстот на англиски јазик со наслов „Autumn Leaves“ („Есенски лисја“).
Според овој наслов во 1955 година е снимен филм со Џоан Крафорд. Првата верзија на англиски ја снимила пејачката Џо Стафорд (1917 – 2008), а ја снимил и Џони Мерсер, а една од најпознатите е на Нет Кинг Кол (1919 – 1965).
Оваа творба е омилена на многу џезери. Како инструментална тема со клавиристот Роџер Вилијамс (1924 – 2011), освои прво место на американската топ листа во 1955 .
Кај французите Едит Пјаф (1915 – 1963), ја сними на двата јазика, потоа Жулиет Греко (1923 – ) и многу други. Инспириран од овој успех, славниот француски кант-автор Серж Гензбур (1928 – 1991), го создаде неговиот голем хит „Песната на Превер“.