Политичката партија Левица денеска на прес-конференција изнесе сериозни обвинувања за незаконско политичко влијание, судир на интереси и злоупотреба на функцијата во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Во фокусот на наводите е членката на Комисијата, Цвета Ристовска.
Според Левица, во ДКСК била воспоставена мрежа за контрола врз предметите, документацијата и внатрешното функционирање на институцијата, која, како што тврдат, служела на интересите на владејачката структура предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
Како клучен механизам за ваквото влијание, од Левица го посочија ангажманот на лицето Татјана Наќева во архивата на ДКСК со договор за дело, иако архивата, според нив, веќе била кадровски пополнета. Преку овој ангажман, како што тврдат, се воспоставил филтер врз влезната и излезната пошта, при што Наќева ја известувала Ристовска за чувствителни предмети. Потоа, според обвинувањата, Ристовска ги селектирала предметите, ги забавувала постапките или ги држела „заглавени“, во зависност од тоа дали се однесувале на лица блиски до власта.
Левица укажа и на, како што велат, мрежа на поврзаности меѓу ДКСК, медиумски кругови блиски до власта и универзитетска инфраструктура. Татјана Наќева е сопруга на новинарот Љупчо Наќев, кој е и предавач на Универзитетот Скопје на Аце Миленковски, каде што предавала и самата Цвета Ристовска, а таму е вработен и синот на Наќева, Филип Наќев.
Како пример за можен судир на интереси, од Левица потсетија дека Ристовска била известувач по предметот за директорот на АНБ, Бојан Христовски, при што ДКСК утврдила дека нема неправилности во неговото назначување и во факултетската диплома од универзитетот на кој таа била професорка.
Дополнително, партијата посочи дека бројни предмети поврзани со функционери и структури на власта остануваат без исход, меѓу кои и случајот со незаконското именување на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, за кој, како што наведоа, повеќе од една година нема одлука од ДКСК.
Од Левица најавија дека ова е само почеток и дека во наредниот период ќе објавуваат дополнителни информации за, како што ја нарекоа, „партиско-коруптивната мрежа“ и за функционирањето на Антикорупциската комисија. Воедно, ги повикаа граѓаните и вработените во институциите кои располагаат со информации или документи за незаконитости да ги достават до партијата, со гаранција за целосна анонимност.
„Само преку јавно разобличување и солидарност може да се скрши ѕидот на страв и молк и да се спречи државата целосно да биде заробена од партиско-коруптивниот октопод“, порачаа од Левица.




