НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Личната војна на Путин-закана за Европа ! (1)

0
By Mirjana on February 25, 2022 КОЛУМНА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Автор: Нано Ружин 

Под изговор дека „Русија се брани од безбедносните закани на НАТО-инфраструктурите“, но и со слоганот „стоп на геноцидот врз русофоните во регионот Домбас..“, рускиот претседател Путин најнапред ја призна независноста на двете украински сепаратистички територии Доњецк и Луганск а два дена подоцна ја отпочна воената инвазија на Украина. Официјалните мотиви на воената агресија биле „демилитаризација и неутрализација на Украина од проатланскиот проект и денацизација на државата од нацистичките орди“. Веќе по признавањето на двете фантомски територии, беше јасно дека, потезите на Путин се непредвидливи. Еден ден пред инвазијата помпезно се поклони пред споменикот на „Незнајниот јунак“ со целата воено-протоколарна свита а потоа, неполни 24 часа подоцна нареди општа инвазија на Украина.

Веќе во понеделникот стана јасно дека предупредувањата на ОН и обидите за посредување од страна на лидерите на Франција и Германија, биле залудни. Владимир Путин, во долгата изјава пред рускиот аудиториум, поткрепена со бројни аргументи, историски потсетувања и оправдувања, ја објави намерата дека со декрет ќе ги признае двете сепаратистични територии. За историчарите, настаните во Домбас асоцираат на територијалниот спор помеѓу нацистичка Германија и Чехословачка околу статусот на Судетските територии населени со Судетски Германци (1938). Тогашниот, германски диктатор на Третиот Рајх, Хитлер во името на „наводното угнетување“ на германското малцинство од страна на чешките власти заговарал отцепување на Судетите и припојување кон Германија. На тој начин Хитлер постепено почна да ја „грицка“ Централна и Источна Европа што ќе доведе до Втората светска војна.

Одлуката на Путин беше фатален удар за мировниот процес утврден во договорите од Минск (2014 и 2015) со кои се предвидуваше автономен статус за сецесионистичките територии. Оваа теза на потпишаниот Минск 2 договор што беше отфрлена од страна на Киев им се овозможуваше „право на автономните покраина да решаваат за надворешната ориентација на Украина и приклучувањето кон НАТО и ЕУ“. Путин беше убеден во праведноста на својата опасна игра, и по неколкунеделното пропагандно-информативна војна, оцени дека „мировниот процес во овој конфликт немал перспектива“.

Западниот свет, знаеше за намерите на Путин и стравуваше од признавањето на сепаратистичките држави Доњецк (ДНР) и Луганск (ЛНР). Чинот на признавањето во голема мера ја зголеми веројатноста за руска окупација на регионот Донбас и го отвори патот кон полошото сценарио: тотална инвазија на Украина, за која лидерот на Кремљ уште во понеделникот изјави дека ја смета за „американска колонија“ и „плод на бруталната интервенција“ на САД. „Немавме друга опција бидејки знаев дека ќе воведат санкции“ изјави Путин по инвазијата која ја нарече „специјална операција“.

Меркел : „Путин изгубил контакт со реалноста“

Датумот 22 февруари 2022 година, „царскиот вторник“ доби магични димензии во двете сепаратистички републики и особено во Русија. Тоа е денот кога двата парламентарни домови на Русија – Советот на Федерацијата и Думата – официјално ги признаа двете самопрогласени отцепени републики во Донбас, регионот кој осум години е во војна со Киев. Бројни државни новинари аналитичари, футуролози, идеолози, бајачки, руски „баба Ванѓи и Клеопатри“, овој историски чин, настојуваа да го протолкуваат преку распоредот на звездите, зодијачките знаци, порамнувањето на планетите и нумерологијата како и референците на Достоевски и Пушкин, за да ја оквалификуваат мистичната димензија на политиката на Путин.

Нема сомнение дека рускиот претседател е извонредно добар во користењето на можностите на стратешките празнини, но од бројните медиумски интервенции и дипломатски активности се добива впечаток дека е отсечен од реалноста. Во негова близина не постои похрабар аналитичар кој би бил способен да го посоветува, да му даде знак, критички да ги анализира неговите потези. Во 2014, по анексијата на Крим, кога Ангела Меркел настојуваше да најде заеднички јазик со Путин, по долгите преговори канцеларката истака дека „човекот изгубил смисла со реалноста“. Неодамна и Макрон дојде до сличен заклучок, бидејки „наишол на сосема поинаков лик за разлика од оној Путин од пред три години“. Неговиот говор за независноста на Домбас од 21 февруари, од страна на Елизе Матињон беше оценет како „параноичен“. Ова е „путинова војна“ во еден глас констатираа и Макрон и Шулц. И американскиот претседател Џо Бајден не покажа високо мислење за „силниот човек од Кремаљ“ и го нарече „криминалец кој ќе е одговорен за штетите и загинатите војници и цивили“.

Владимир Путин, е сигурен во сопствената семоќ, исполнет е со страстен гнев против Украинците кои ја заговараа демократијата и евро-атланските вредности. Тој сонуваше за голема одмазда кон Западот и за исправање на големите грешки и неправди на Горбачов. Сонува за голема Русија и сака да го споредуваат со Петар Велики на 21-от век. За оние кои сè уште имаа илузии за неговите намери, потегот со признавањето и инвазијата на Украина е голема поука! Путин, со оваа низа настани, ги згази сите доверби во неговите „празно ветувања дека нема намера да употребува воена сила“. Ги навреди и западните држави и Украинците и ги формулира „идеолошко-историските“ толкување за да ги оправда своите воени потези. Монополот за употреба на сила во Украина, си го задржа како лично право да го активира во секое време и на секое место во Украина. Оваа држава прерасна во приватен влог на Владимир Путин. Тој самиот истакнува дека Украина е „негова опсесија, инспирирана од заедничката историја“ но за жал, „државата ја презеле корумпирани олигарси“, а „Украинците биле изневерени од самите Украинци“, исто како и „татковината Украина од лошите Украинци и фашисти“.

Во опсесијата со Украина, која ја третира како сопствено ловиште Путин им се закани и на сојузниците на Украина од ЕУ и НАТО. „Доколку некој од сојузниците на Украина се обиде да се вмеша или да се закани кон нашиот народ, мора да знае дека одговорот на Русија ќе биде моментален и ќе донесе такви ефекти кои тие не ги запознале во нивната историја. „Ова е истовремено и фанатизам и цинизам, плод на неговата интимна фантазија или манипулација, бидејки никој од светот не и се заканува на Русија и на рускиот народ“ велат западните аналитичари. Ако некоја војна сила сака да ја нападне Москва, нема потреба своите ракети да ги поставува до границите на Русија, туку на било која точка во светот.

Рускиот парламент едногласно ја поддржа внимателно изведената стратегија на претседателот Путин. Тој ја запали спиралата која го отвори патот на Русија – како „воен и финансиски кум на војната“ и на сепаратистите за целосна контрола на Донбас. Со масивната воена инвазија веројатно планирана со месеци, Путин сака воено и политички да ја згази Украина и да ја врати во „неутралниот и демилитаризиран статус“ како од времето на Јанукович.

Инвазијата и нејзините ефекти

Потегот на „силите за одржување на мирот“ како што Путин ги нарече руските војници кои навлегоа во Украина, во суштина представува воено-политички одговор на санкциите. Признавањето на двете сепаратистички територии беше само вовед во ескалацијата, бидејки тие се признати како ентитети чии територии ги надминуваат оние кои се под контрола на руските сепаратисти. Затоа и руската инвазија е гест за да се прошири власта на двете новопрокламирани држави врз целата територија на Домбас. Теориски анализирано постоеше можност по нивното признавање, овие територии да останат вид „замрзнат конфликт“, околу чија судбина би се кршеле дипломатските копја на Западот и Русија. Со инвазијата Путин не и даде шанси на дипломатијата. Тој ги поништи и Договорите од Минск и можноста за одржување на натамошното status quo на сепаратистичките територии. Операцијата на руската армија при окупацијата на Украина се одвиваше од територијата на Белорусија и Крим со цел да се заштити чувствителната фасада Одеса-Мариопул-Каркиф (Харкоф), која е значајна за контрола на полуостровот Крим.

Руските блиндирани трупи ја повредија границата на Украина во северните региони Чернигуив кон Белорусија, на северо-исток кај Суми која граничи со Русија, и продираа од Луганск и Харков на источната граница со Русија. Осудата на меѓународната заедница кон воинствената политика на Путин беше огромна. Генералниот Секретар на ОН Антонио Гутереш од Њујорк порача дека ова е „опасен момент за целиот свет и најтажен ден во неговиот мандат. „Во името на човештвото Владимир Путине, ве замолувам да ги вратите вашите војници во Русија“. Воената инвазија тој ја оцени „како чин што ја загрозува човековата коегзистенција“. Слично реагираа и останатите светски државници. Претседателот Макрон ја осуди одлуката на Русија и се заложи за запирање на воените операции. „Франција е со Украина и ќе дејствува со своите сојузници и партнери за запирање на војната“. Од своја страна Џо Бајден го осуди „неоправданиот напад на Русија против Украина“ и порача дека „Русија е единствениот одговорен за смртта и деструкциите на војната“. Потоа додаде дека „САД нема да застанат само на оваа констатација“ и најави досега најголеми санкции против Русија. Во името на Алијансата и генералниот секретар Јенс Столтенберг го осуди „неоправданиот напад на Русија врз Украина што може да резултира со големи загуби и животи“. Претседателката на Европската комисија Урсула вон дер Лајен, потсети дека во „овие мрачни моменти нашите мисли се насочени кон Украина“ и рече дека ЕУ ќе воспостави масивни санкции кон Русија. Слични потези најавија и Германија, околу блокирањето на фараонскиот гасовод „Северен ток“ 2.

Европа како и САД уште одамна ги разработуваат можните сценарија за економски санкции, со цел да ја забават Русија во нејзините движења. ЕУ алудирајки на повредите на меѓународното право соопшти дека е подготвена да наметне санкции против Москва. Одлуката за санкциите треба да ја донесат лидерите на ЕУ на самитот на вонредниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ. Европскиот самит може да се одржи преку видеоконференција, изјави европски извор. Европските санкции мора да бидат решени едногласно а „едногласноста за досието со Украина е загарантирана“, изјави шефот на европската дипломатија Жозеп Борел. Сепак останува отворено прашањето за успешноста на санкциите и кои санкции доаѓаат предвид?

Авторот е универзитетски професор

 

25.02.2022 Колумна Нано Ружин
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Американската база Форт Стујарт во Џорџија е блокирана поради пукање, има ранети

August 6, 2025

ЕЦБ: Кинеската конкуренција ги потиснува работните места во еврозоната, особено во автомобилската индустрија

August 6, 2025

Централната изборна комисија на БиХ му го одзеде мандатот на Милорад Додик

August 6, 2025

08:15 – 6. август 1945 – Хирошима одбележува 80-годишни од атомската бомба што го уништи градот

August 6, 2025

Тензично во Нов Белград – полицијата ги дели поддржувачите и противниците на Вучиќ

August 5, 2025
ФОКУС

Заврши средбата на Путин со Виткоф – траела три часа

ВЕСТИ August 6, 2025

Средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот пратеник на претседателот на САД, Стив Виткоф,…

Централната изборна комисија на БиХ му го одзеде мандатот на Милорад Додик

August 6, 2025

Москва: Средба Путин – Виткоф

August 6, 2025

Зеленски телефонски разговараше со Трамп – Украина ќе ѝ продава дронови на САД

August 5, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.