Зоран Иванов
Ќе дојде и тој ден кога гласачите Македонци и гласачите Албанци ќе си се гласаат меѓу себе и кога таквите како Касами и Мицкоски ич нема да ги есапат.
Кога на спомнатите им притребува изборна доза национализам, вбризгуваат племенска етно фобија.
Кога им се потребни коалициски гласачи, се гушкаат во изборна симбиоза, во политиканство и себичност.
Накусо, како што поради нивните партиски вокабулари ги доживувам, наицонал сепаратистот Касами не издржа да се воздржи од својот етно центристички наратив, а национал популистот Мицкоски не издржа да не потсети кој е главниот во заедничката власт.
Мицкоски се згрози од коалицискиот камарад Касами кој ги повика Албанците „таму“ да си гласаат за етно своите, да си гласаат по етно линија, да си гласаат за кандидатот Албанец, а не за кандидатот Македонец.
Мицкоски пак, му возврати со маалска закана дека и изборно и коалициски ќе си плати за ножот в грб зашто морал да си се поплука кога ги повикал своите вмровци Македонци „таму” и „таму” да ги гласале коалициски кандидати Албанци.
Секако дека поради овие и вакви забавни изборни дребулии коалицијата нема да се распадне зашто власта е помила од кавгата.
Но неразбирлово е тоа што темата за која се закачија двајцата партиски лидери, е чист шовинизам.
Што со таквите шовинистички апели не само што ги вулгаризираат изборите, туку што уште по непријатниот факт е што партиските лидери ги деградираат граѓаните гласачи.
Што за своите болни политички амбиции, ги понижуваат, што ги третираат како предмети, како, во случајов, лични изборни алатки.
Да повикуваш сограѓани да гласаат етнички, дури и не коалициски, туку чисто етнички, да ги повикуваш да не гласаат за свои сограѓани поради код етнички поинаков од твојот, да форсираш таква настојчивост покрај сето низ што помина Македонија и сите во неа од осамостојувањето до годинашниве локални, е ретард во секоја смисла. Ретард.

