Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, соопштил дека им дал наредба на граничарите да не ги пуштаат Белорусите во земјата, покрај странците, кои отпатувале во комплицирано време кога станува збор за пандемијата на коронавирус. Не треба да ја увезуваме инфекцијата, објаснил тој.
„Му дадов наредба на командантот на граничните сили: Не дозволувајте влез во земјата не само на луѓе со странски пасоши, туку и на оние паметни Белоруси кои ја напуштија земјата во ова тешко време. Не треба да ја увезуваме инфекцијата. И не е важно чиј пасош ја има таа зараза“, изјавил белорускиот претседател на состанокот посветен на ситуацијата во врска со Ковид-19, објави „TV ONT“.
Како што рече, „ако отишле таму да учат, нека учат, ако отишле на работа, нека работат, нека работат и нека се лекуваат таму“.
Белорускиот претседател додал дека не можел да ги остави отворени границите на земјата бидејќи не е достигнат пикот на болеста во Белорусија. Тоа е привремена одлука, додал тој.
„Ние велиме дека ги затворивме границите за оние кои имаат намера да дојдат од Запад, бидејќи немаме граници со Русија. Гледаме дека болеста мошне се шири таму, особено во Полска“, рекол тој.
На 29 октомври Минск го ограничи влезот во земјата по копнен пат „на одредени категории физички лица од Литванија, Летонија, Полска и Украина“.