Георги Старделов, поранешен претседател на МАНУ излезе со став околу последната лустрација од оваа институција, на Томе Серафимовски. Старделов во изјава за Дојче веле вели:
– Ова што се случува со гротескни искривоколчувања на т.н. процес на лустрација, води кон сознанието дека на македонскиот народ по којзнае кој пат му се повторува познатиот синдром на македонски расколи, кавги и меѓусебно ништење.
За жал тоа денес се одвива на институционално ниво. Фатално е за еден народ, кој е толку пати одречуван, оспоруван, обезименуван и понижуван, да ги доведува во прашање оние трајни столбови кои го воздигнаа на светско рамниште македонскиот јазик, култура и идентитет и со неподнослива леснотија да го урива угледот на оние бележити луѓе кои му дадоа духовна димензија на македонскиот народ.
Јас сум длабоко уверен дека имињата на оние кои деновиве беа испоплукани и ставени на столбот на срамот и натаму ќе зрачат како факели на македонскиот историски пат, дека МАНУ ќе се спротивстави на оваа фурија за уништување на македонскиот креативен дух и дека нема да се согласи тие да се избришат или да заминат од нејзините редови, вели Старделов.