Тројца советници кои се наоѓаат на канидатските листи се прогласени за соработници на тајните служби.
Комисијата донесе решенија дека Властимир Јовановиќ, Јакуп Шехапи и Славе Рајовски биле соработници на тајните служби и дека поради тоа не може да вршат јавни функции.
Комисијата утврдила дека Шехапи во периодот од 1997 до 1998 година давал информации на службите за безбедност што се однесувале за конгресот на ДПА околу изборот на партиските функционери како и други информации поврзани со политичките субјекти на Албанците во земјава.
Властимир Јовановиќ од Неготино, пак, им бил соработник на тајните служби во периодот од 1993 до 2002 година и тоа под псевдонимот Дизел. Тој ги информирал службите за активностите на Српската партија.
Третиот лустриран кандидат е Славе Рајовски од Скопје, за кого лустраторите утврдиле дека во 1996 и во 1997 година работел за тајните служби под псевдонимот Теолог, а давал информации за лица и настани поврзани со српскиот екстремизам во земјава.
Сите соработници на тајните служби дејствувале во периодот по 1991 година.