Да се регулира начинот на кој се финансираат медиумите преку странски донации, побара новинарката Мирка Велиновска на денешната јавна расправа во Собранието во врска со предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиуми.
Во друштво на новинарите Миленко Неделковски, Драган Павловиќ – Латас и Ивона Талевска, Велиновска оцени дека дека треба да се стопира влијанието на меѓународната заедница.
Во одбрана на предлог законот кој го оспоруваат новинарските здруженија и надворешниот фактор дека е рестриктивен, Велиновска ги нападна преостанатите медиуми во земјава, обвинувајќи ги за нискиот квалитет на новинарството.
„Две третини во списокот кои се јавиле тука за збор се дел од клонираната мрежа на соросoиди и одредени групации. Треба и овој сегмент да го регулираме. Како да се говори за слобода на медиумите во однос на платени реклами од одредена политичка групација, а да не може да се изрегулира кој тоа ни го плаќа најмоќното монополско здужение во Македонија, ЗНМ, кое треба да ги застапува првенствено професионалните интереси на новинарите“ рече Велиновска.
– На овој закон не можат да му најдат мана. Она што сакаат е да останат надвор од регулација, да не се знае чии пари се трошат за овие портали. Немаат против некој од надвор да им дава пари, а имаат Владата да плаќа за реклами, закон треба да има, законот е добар, одличен. Ви препорачувам, министре, да ги внесете сите нивни забелешки и ќе видите – пак ќе излезе дека не се задоволни, оценува новинарката.
Миленко Неделковски, го негира правото на меѓународната заедница да се меша во македонското законодавство и рече дека „законот треба да е наш, македонски, од нашите граѓани од нашите претставници“.
Според Неделковски, никој од надвор нема легитимитет во државата, а комесарите од ЕУ воопшто не се важни.
„Дебатираме за нешто што некој експерт од некаде си кажал за некоја интерпункција или некој дел од законот. Никој од надвор нема легитимитет во оваа држава, не се битни тие комесари во ЕУ“, рече Неделковски.
На денешната расправа, четворицата новинари во дел од своето излагање зборуваа за состојбата на новинарството во времето кога актуелната опозиција беше на власт.
Уредничката на „Вечер“, Ивона Талевска, рече дека со законот се зголемува правната сигурност на медиумите.
Главниот и одговорен уредник на „Сител“, изложи препрочитување на законската материја задржувајќи се на деловите во кои се регулира програмата на радиодифузерите со цел да се обезбеди поголем простор за македонска содржина. Според Латас, овие акти се ограничувачки и треба да се корегираат, но и покрај тоа, рече, законот е добар.
фото: a1on.mk