Македонија се најде на четвртото место на листата земји што се најпријателски настроени кон туристите, во опширното истражување на Светскиот економски форум за конкурентноста во туризмот за 2013 година во светот.
Прв на листата е Исланд, а по него следуваат Нов Зеланд и Мароко, додека на петто место е Австрија. Македонија е оценета со оцена 6.7 на скалата од 0 до 7.
На дното на најнепријателски земји кон туристите се Боливија, Венецуела, Русија, Кувајт и Латвија.
Инаку, според севкупниот Индекс на конкурентност за патување и туризам за 2013 година, Македонија се наоѓа на 75 место од рангираните 140 земји во светот, односно на 36-то место меѓу 42-те рангирани европски земји.
Рангирањето е направено според 14 оценувани параметри, вклучувајќи ја регулативата, животната средина, безбедноста, здравјето и хигиената и инфраструктурата.
Во 2009-та Македонија на листата се наоѓала на 80 место, додека во 2011-та на 76-то место.