Македонската фудбалска репрезентација попладнево ѝ гостува на Грузија, во Тбилиси (18 ч.), во натпревар од претпоследното коло во групата 4 од Ц-Дивизијата во Лигата на нации.
Од македонскиот табор најавија атак на трите бода против лидерот во групата, и покрај проблемите со многу повредени играчи со кои се соочи селекторот Благоја Милевски.
Во црвено-жолтиот дрес вечерва ќе ги нема стандардните Стефан Ристовски, Аријан Адеми и Дарко Чурлинов, а ќе недостасуваат уште неколкумина повредени играчи.
Грузија води на табелата со 10 бодови и за промоција во Б Дивизијата ќе ѝ биде доволен и бод, додека избраниците на Милевски ќе треба да триумфираат најмалку со три голови разлика, а в понеделник да ја совладаат и Бугарија во Скопје, за да изборат пласман во повисок ранг во Лигата на нации.