Пакистанската активистка за правата на девојчињата и жените, Малала Јусафзаи денеска во Европскиот парламент во Стразбур ќе ја прими наградата Сахаров за оваа година.
Малала, 16-годишна, ја доби наградата за нејзината истрајност во битката за правото на сите деца на образование. Во трка за наградата беше и поранешниот вработен во НСА, Едвард Сноуден.
Малала во октомври 2012-та беше застрелана од талибанец во долината Сват во Пакистан, поради нејзините залагања за правата на жените, но преживеа.
„Одлучивме светот да знае дека нашата надеж за подобра иднина е насочена кон младите луѓе како Малала Јусафзаи“, изјави шефот на конзервативната Европска народна партија, Џозеф Даул, во моментот кога таа беше прогласена како добитник на наградата.