Денеска во 22:00 часот, во Младинскиот културен центар, во рамките на МОТ, премиерно ќе биде изведена претставата Малечката на Кумпанијази театар, во режија и според текст на Сема Али Ерол.
Малечката е претстава за трагичниот крик на една безимена девојка која се бори со искривеното семејство и општество. Девојка силувана од својот брат, потисната од гнилите правила кои ги измислил некој друг за неа, а наоколу само беззаконие, неред, празнина, хаос. И покрај тоа, таа се бори и ја бара љубовта која веројатно воопшто и не постои. Љубовта и вербата, за кои можеби има само прочитано некаде, во некој друг свет, во светот на Роберто Зуко.
Сема Али Ерол e драмски писател, сценарист и режисер. Родена е во Скопје, а веќе девет години живее и работи во Истанбул. Во Македонија се поставени нејзините драми Малечката, Небо Без Рамка и Комши Капиџик. Како драматург и асистент на режија работела во Македонија и во Турција, а превела и драматизации за повеќе претстави.