Договорот од Пржино за СДСМ е неактивен се додека Советот на јавни обвинители не го избере и останатиот дел од тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева, рече денеска пред новинарите, потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.
Пред почетокот на средбата на партиите во посредство на Меѓународната заедница денеска пред Клубот на пратеници, Манчевски рече дека единствена точка за која тие ќе разговараат е прекршувањето на Законот за специјално обвинителство.
-Нема да реазговараме за ниту една друга тема, се додека не се реши овој проблем. Бараме Советот на обвинители итно да закаже седница на кој ќе ги изберат останатите обвинители на специјалната јавна обвинителка, рече Манчевски.
На новинарско прашање дали СДСМ ќе ги продолжи преговорите доколку не се изгласа и преостанатиот дел од тимот кој го предложи специјалната обвинителка, Манчевски отсечно одговори – „Не“.
Од друга страна, кусо при влегувањето во Клубот, Антонио Милошоски пред новинарите рече дека на денешната средба ќе се разговара за сите теми.
Прашан за потенцијално активирање на “бомбите“ кои ги објавуваше опозицијата, Манчевски немаше коментар, односно одговори дека “партијата наскоро ќе испрати соопштение до медиумите“.
Во однос на најавеното доаѓање на еврокомесарот Јоханес Хан во понеделник, Манчевски потеницраше дека очигледно е дека и Брисел е загрижен за прекршувањето на договореното.