Лажните вести се чини дека постоеле отсекогаш, како во старата приказна за овчарчето кое за да се забавува ги лажело селаните дека го нападнале волци, за потоа кога вистина било нападнато тие да не му веруваат.
Но, со појавата на средставата за масовно информирање, особено со растот на популарноста на интернетот и неговата лесна пристапност, лажните вести се во подем како никогаш досега.
Македонија е ставена на светската мапа кога станува збор за лажни вести. Тоа е благодарение на младите луѓе од Велес кои во недостаток на на друг начин на заработка и забава, решиле да прават лажни вести за тогашниот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп.
Британскиот новинар Киан Џенкис направи репортажа од Велес каде што успеа да ги најде тинејџерите кои стојат зад сајтовите со лажни вести во полза на кандидатурата на Доналд Трамп.
Во видеото се гледа дека тие се многу млади и не умеат вешто да лажат кога тој ги прашува за нивната поврзаност со сајтовите.
Едно од децата вели дека го направил сајтот пред се за да заработи пари и за да се забавува, затоа што во неговиот град никој не излегувал и било многу досадно.
– Лажните вести постоеле и пред интернетот, но тогаш било многу потешко да се прошират кон јавноста, односно се користеле традиционалните медиуми. Она што е каратеристично за тоа време е што лажните вести доаѓале од официјални извори на информирање заради одредена цел – да се покрие одредена работа, да се направи конфликт, да се намали одреден скандал итн. Не дека сега овие лажни вести кои доаѓаат од официјални извори се намалени, земете го само американскиот претседател Трамп и бројот на полулажни и лажни вести кои тој ги пласира во јавноста, но, денес е полесно за „обичниот“ граѓанин да креира и споделува лажни вести оти ги има социјалните медимуми како платформа. Токму затоа во ЕУ последните години се дебатира на кој начин може да се ограничи влијанието на лажните вести, а да не се нарушат медиумските слободи и правото на изразување. Германија со почеток на годината воведе нов закон кој воведува парични казни за лажни вести, Фејсбук воведе поригорозни контроли на содржината, едноставно, светот реагира кон напливот на лажните вести и штетата што може да ја направат тие – вели Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии.

Трајкоска смета дека еден од начините кој е есенцијален во борбата против лажните вести е медиумската и дигиталната писменост.
– Тоа е долгорочен процес, но нема лесен начин за да се справиме со лажните вести. Едукацијата на публиката за тоа како треба да ги чита вестите, од каде се информира, на кои работи треба да внимава кога и се пласира одредена информација и што треба да провери за да поверува на одредена информација е најдобриот начин за намалување на влијанието на лажните вести. Само едуцирана и ангажирана публика може да знае која вест е манипулација, што е лага и што значи непрофесионално новинарство. Овој процес треба да почне со почеток на едукацијата на децата уште во предучилишна воздраст и да е составен дел на образованието во основно и средно училиште. Медиумите, оние кои се сметаат себе професионални исто така мора да се вклучени кон медиумското описменување на својата публика. Тоа говори за нивниот кредибилитет, но од друга страна ќе ја зајакне и врската со јавноста и граѓаните кои им веруваат – вели Трајкоска.
Билјана Бејкова од НВО Инфоценатарот се обиде да се сети на некој пример за лажна вест од ерата пред популаризацијата на интернетот.
– Прво што ми паѓа на памет е радиодраматизацијата на романот „Војна на световите“, во режија на Орсон Велс, пред точно 80 години. Радиодрамата била изведена како директен пренос од напад на Марсовците врз Земјаните. Иако, во почетокот било соопштено дека станува збор за радиодрама, автентичноста и интензитетот на самото дејство предизвикало огромна паника меѓу населението кое поверувало дека вонземјаните навистина ја нападнале Земјата.
Нешто слично беше изведено и во деведесетите години, во една забавна емисија на популарната Втора програма на Македонското радио. Не се сеќавам на деталите, но се сеќавам дека и овој пат, имаше многу луѓе кои макар и за момент, поверуваа дека навистина се забележани вонземјани во Македонија.
Иако, овие примери не се во буквална смисла на зборот „лажна вест“, зашто, публиката однапред е предупредена дека не станува збор за вистинска вест односно за вистински настан, сепак, за мене тие и натаму претставуваат школски пример за огромната моќ на масовните медиуми, како и предупредување за опасноста таа моќ да биде злоупотребена. Тоа впрочем и се случува во современиот свет особено со развојот на телевизијата и сега, на интернетот – вели Бејкова.

Според Бејкова, единствената одбрана од лажните вести се образованието и медиумската писменост на граѓаните односно на публиката.
– Само луѓе кои имаат критички и аналитички вештини и кои знаат да препознаат вистинити факти, релеватни аргументи и извори на информации можат да бидат заштитени од лажното известување – констатира Бејкова.
Како лажните вести влијаат на општеството?
Лажните вести, се разбира, влијаат манипулативно и пропагнадистички, со цел да фабрикуваат илузии заради прикривање на факти, односно со намера да влијааат на јвното мислење. Освен што создаваат конфузии, тие доста конкретно влијаат на политиката, посебно врз гласачите , како што впрочем потврдија изборите на Доналд Трамп за Претседател на САД. Со други зборови, тие ефектуираат донесување на погрешни одлуки , и оттука , многу е важно бидат пресретнати со вистински инфромации, проверки на фактите и со истражувачко новинарство. Посебно пожелно е да бидат законски забранети – вели Ана Чупеска Станишковска, доктор по политички науки и доцент на Правниот Факултет „Јустинијан Први“.

Зошто се лажните вести толку успешни?
Масовната продукција на лажните вести, посебно е потпомогната од новите медиуми на кои се собираат кликови за рекламирање, односно за збирање на пари. Имено, самите социјални мрежи и интернет сајтовите овозможуваат хиперпродукција на разни содржии кои истовремено се инстантно достапни. Од ова консеквенца е создавањето на т.е. илузрен ефект на вистината (illusory truth effect). Имено, претерана присутнот на лажните вести, која патем, рапиндно аселерира со секој нареден клик , ја прави лажната вест сеприсутна и достапна до секого, а поради нејзино повторување, по кратко време создава излузија дека е точна. Колку повеќе ќе слушме или гледаме нешто, толку повеќе се зголемува веројатнота да поверуваме дека тоа е точно.Тоа се случува поради човечката психолошко – когнитивна карактеристика да конфирмира пристрасност, односно да бидеме пристрасни во потврдувањето на определни информации по автоматизам , соодветно на нашите когнитивни мапи. Со други зборови, човекот има когнитивна предиспозиција да ги пребарува или интерпретира информациите на начин што нему му одговара, односно во согласност со она што веќе го знае, па така, пребаруваме и интерпретираме во насока на потврда на веќе востановените ставови, вредносни, вистини и илузии.
Значајна причина за овој медумиски деформитет врзан за лажните вести, лежи и во фактот што денес, медиумите значитело се изменети , т.е. поради хипперпродукцијата на онлајн изворите на вести кои сите меѓусебно се натпреваруваат за вниманието на потрошувачите, а ова е непосредно поврзано со онлајн рекламирањето што не ретко зависи од бројот на кликови. За да се зберат што повеќе кликови, содржината на таканаречената вест е упростена, лесна за разбирање и достапна за секого, со што објективните информации и сериозни истражувачки стории стануваат неатрактиви.
Сепак, не смееме да западнеме во апсолутно релативизаторската замка , според која ерата на пост-вистина ќе ја земеме здраво за готово, и да одбиваме да веруваме во сите информативни извори, туку за точно информирање треба да читаме од повеќе извори и од сервисите за приверка на фактите, како и истражувачкото новинарство – вели Чупеска Станишковска.
“Проектот е финансиран од Европската унија преку програмата за мали грантови „Заштита на медиумските слободи и слободата на говор во Западен Балкан“ имплементиран од Здружението на новинари на Хрватска како дел од Регионалната платформа за застапување на медиусмките слободи и безбедност во Западен Балкан во партнерство со шест организации од регионот (Независното здружение на новинари од Србија, Здружението на новинари од БиХ, Хрватсото здружение на на новинари, Здружението на новинари од Македонија и Унијата на медиумите од Црна Гора”.




