Дортмунд: Скоро 400 хулигани на фудбалските клубови Шалке 04 и Борусија Дортмунд учествувале во масовна тепачка во саботата навечер во близина на железничката станица Дортмунд. Полицијата привела голем број демонстранти и запленила боксерски ракавици, завои, маски за скијање и штитници за заби, пренесува Билд.
До масовниот судир на североистокот од Дортмунд дошло додека навивачите на Шалке со воз се враќале дома по гостинската победа против Магдебург (2:0). За време на минувањето низ Дортмунд, навивачите двапати ја повлекле кочницата за итни случаи за да го запрат возот. При второто запирање, околу 22:50, поголема група навивачи на Шалке го напуштила возот и се упатила кон блиската шума.
Портпаролот на полицијата изјавил дека кај многумина учесници биле забележани повреди во вид на црвенило на рацете и лицето. Поради лица кои се наоѓале на шините, во акцијата бил вклучен и полициски хеликоптер.
Насилството продолжило и подоцна во ноќта. Околу 2:38 часот, триесетина непознати лица упаднале на приватна прослава во клупски дом во Ротхаузен. Според сведоци, уништувале мебел, напаѓале гости. Во овој инцидент немало повредени, а полицијата истражува можна поврзаност со масовната тепачка.