Автор: Маја Мазорет, хроничар во “Ле Монд“
Непријателите на движењето #metoo се загрижени: феминистите ќе го уништат додворувањето, добриот секс, социјалните односи, можеби и климата, којзнае. Интересен постулат: се имплицира дека овие активисти, чии успеси досега значајно ги олеснија сексуалните слободи, одеднаш тргнале по друг пат и одлучиле да си го расипат сопственото задоволство и да си ги ограничат сопствените слободи. Интересна промена на парадигма.
Ајде полека да тргеме од почеток.
Може ли феминизмот да го спаси сексот?
Никој не може да порече дека злонамерниот сексизам не е заинтересиран за добробитта на жените. Неговите поддржувачи се задоволуваат со егоистична и фалоцентрична сексуалност (“Убавината е женска работа“), без задоволство (“Не се жените вредни за тоа“). Таа брутална мизогинија носи омраза кон жените кои се сексуално компетентни, сака да им влее чувство на вина на жените кои се додворуваат и ја загрозува нивната безбедност. Има можеби една “предност“ на мачизмот: таквите мажи најчесто имаат повеќе сексуални партнерки. Но помалку интимност и повеќе антагонистички односи.
Арно ама, во 2018, злонамерните мачисти се кријат по пештери, и очигледно на Твитер. Баналниот мизогин, кој најчесто е достапен пред гранапче, ја брани логиката на дедо му: природна комплементарност на родовите, одредено во ДНК – знаете, фамозниот хромозом на розевото фустанче.
Бидејќи денеска никој не би се осмелил да ни ја сервира официјалната верзија: “Жените им се инфериорни на мажите“, ја слушаме лајт верзијата: “Жените се послаби од мажите, но толку храбри/зрели/убави/интуитивни, особено кога се облечени во розево фустанче!“
Мажи феминисти
Ова е добронамерниот сексизам. Тој ги става жените на педестал, им дава поволен третман, застапува патернализам и џентлменство. Која жена не би сакала маж целосно посветен на нејзиното задоволство? Арно ама, во неговата игра вазалот наметнува поделба на обврските која сериозно ја загрозува неговата Кама Сутра: активен маж, пасивна жена, мажот одговорен да пружа задоволство, жената задолжена да биде посакувана. Збогувајте се со трансгресиите, садо-мазо игри, игри на улоги, простатични пенетрации, секс-тојс, итн. Среќната избраничка е замолена во секое време да биде совршена (мисионер без потење молим лепо!), што оневозможува губење контрола, ќе се бара од нејзе да не формулира барања (сексуалните зборови се вулгарни во женска уста особено облечена во розево фустанче). Пострашно уште: добронамерниот сексизам ги спречува жените да му пружаат задоволство на мажот. Жените се тука да примаат. Обожувани можеби, но здодевни.
Остануваат мажите феминисти. (Пред да продолжиме да забележиме дека и во 2018 таквите мажи покажуваат храброст).
Но, во кревет ова не е баш неважно: самодовербата ги ограничува несреќните моменти на импотентност (мачо мажите се најсклони кон вакви дисфункционирања). Доведувањето во прашање на социјалните норми ги зголемува сексуалните можности. Сојузникот на каузата е ослободен од хендикепот на разно разни верувања во стилот на “жените се комплицирани“ (не, ако се интересирате за нивното тело), “жените задолжително имаат помалку желба за секс “(не, ако се потрудите), “сексуалниот однос завршува по ејакулацијата“ (бидејќи нели Земјата престанува да се врти кога ќе се ослободи светото семе).
Времињата се сменија
Кога мажот презема одговорност за својот дел од домашните обврски (потсетување: половина е 50%), мажот феминист и остава повеќе време на својата партнерка за ноќни акробации, ја става во подобро расположение (Journal of Family Psychology 2016, само постарите студии покажуваат дека традиционалното распоредување на обврските доведува до позадоволителни сексуални односи. Времињата се сменети. А, впрочем, почести односи не гарантираат задоволство).
Можноста да се разменат знаења се исто така мултиплицирани: кога не мора веќе да изигрува гуска, партнерката на феминистот послободно може да се изрази, без да се плаши дека ќе го повреди, и да понуди помалку фалоцентрирани игри. Нејзинита барања се слушнати, и таа добронамерност ќе се рефлектира во многу конкретни аспекти на интимата: водење сметка за несигурностите, комплексите, границите. Мажите феминисти создаваат безбедна клима, во која жените не се чувствуваат виновни за сопствените сексуални желби, ниту загрозени во своето задоволство. Конечно се ослободени од обврската да глумат (збогум на симулирањето!) А што се случува кога оставате простор за желбата и задоволството? Се прошируваат!
За крај што да кажеме за жените феминистки? Неебени, лоши во кревет?
Ако ги прашате специјалистите, одговорот е не. Според студија на Рудман, Л.А и Фелан (Sex Roles, 2007), партнерите на овие страшни баба-роги пронаоѓаат тука постабилни односи и поголемо сексуално задоволство. Ист заклучок кај Беј-Ченг и Зукер (Psychology of Women Quarterly, 2007): жените феминистки се поголеми еротофили од другите, сексуално се поотворени, имаат поголема контрола врз контрацепцијата и имаат пошироко сексуално знаење.
Ако сакате да ви нацртам: подобри се во кревет.
Про-секс феминизам
Секс-позитивното движење со своето бескрајно поле на можности, својата толерантност, својата желба за игра е од 1980 нераскинливо врзано за феминизмот: зборуваме за про-секс феминизам или “секс-радикал“ феминизам.
Ако на ова ја додадете брзата ерозија на стигмата врзана за феминизмот (Бијонсе, Ема Вотсон, Ева Лонгориа, Барба Страјсенд, Даниел Радклиф, Вил Смит или Барак Обама, сите му се придружија на движењето), современиот маж не ризикува ништо да му се приклучи на ова движење.
Да потсетиме, за крај, дека ако од време на време сеуште слушаме дека феминизмот ги кастрира мажите и дека #metoo води кон општ пуританизам (ништо од ова не се случило колку што знам, но може да дебатираме), треба да потсетиме повторно и повторно дека мизогинијата ги кастрира жените, и не само во фигуративен смисол. На 200 милиони жени во светот превентивно им сече клиторисот, лишувајќи ги засекогаш од потенцијално сексуално задоволство. Само нечесните може да го обвинат феминизмот, кој се бори против овој феномен, дека го уништува сексот.
“Свињите“ се оние кои го уништуваат сексот, а не тие што ги аутираат!


