Во политиката вредиш колку имаш гласови. Јас зборам во име на единица каде што бев носител. Ако споредиме пред 4 години кога носител на листата беше Груби, ДУИ беше трета по ред во Чаир и многу слабо котираше во Скопје, вели Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити во денешното гостување во Утрински брифинг.
Тој нагласи дека реално во ДУИ има проблеми, но добро е што се дискутира во однос на политичките разлики.
-Јас бев еден од поборниците ДУИ да се одлепи од тогашното ВМРО на чело со Груевски и да се приклучи на оваа коалиција која придонесе државата да излезе од изолација, да стане членка на НАТО и да претендира за ЕУ, но исто така денес имаме примедба – да ги приближам до Заев, но не да се стопат во тоа. Примедбата е кон изјавата на Груби дека „едно сме“, а ако го мисли тоа политички, јас сум против тоа. Се знае од каде потекнува ДУИ и што претставува оваа партија. За мене и за ДУИ партнер е Зоран Заев и СДСМ. Направивме многу досега, не чека уште ногу работа и мислам дека сме на прав пат да ги заокружиме овие работи кои ќе дадат нова перспектива на граѓаните, вели Меџити.
За евентуалната смена на долгогодишниот лидер на ДУИ, Меџити вели дека на редовниот Конгрес на ДУИ кој бил одржан лани Ахмети бил едногласно избран.
-Се очекува уште повеќе години да биде на чело на партијата, немаме дилеми околу тоа, изјави Меџити и со доза на цинизам го коментира однесувањето на Артан Груби -Сакаме да го растеретиме малце господинот Груби. Се нафатил да изиграва улога на претседател во ДУИ. Имајќи предвид дека касно е дојден му треба време да се прилагоди на тоа и не може сите работи одеднаш да ги врши. Треба да се работи екипно, да се поделат задачите. Останатото се нормални разлики, се бориме за концепт, за размислувања и тоа го правиме на легитимен демократски начин. Секогаш имало препукување на партнерите во владата, но мислам дека многу е направено. Не гледам работи каде што може да имаме дијаметрално спротивставени ставови помеѓу ДУИ и СДСМ.