Владејачката ВМРО-ДПМНЕ имала исклучително огромен број донатори- 1.686 за изборната кампања за локалните избори.
Овие податоци дадени во извештај на Државниот завод за ревизија, покажуваат дека најголем дел од донаторите се физички лица, кои на партијата и дале од најмалку 1.000 до најмногу 300.000 денари.
Меѓу донаторите воопшто не се регистрирани фирми, но затоа како донатори се појавуваат триесетина медиуми, кои давале услуги за владејачката партија: прва на листата е групацијата МПМ, во чија сопственост се дневните весници Дневник, Вест и Утрински весник, во висина од 250.000 евра.
Од телевизиите најмногу донирал Сител 160.000 евра, потоа следуваат Канал 5 со 145.000 евра и Алфа 76.000 евра.
Сумирано, ВМРО-ДПМНЕ за изборната кампања собрал 1.546.112 евра.
Според извештајот, најголем дел од парите биле потрошени за реклами и пропаганда, 1.572.000 евра, а останатите 130.000 евра за изнајмување на простории, превоз и копирање.
Опозициската СДСМ добила донации од само 22 граѓани, со што добила 9.000 евра, а кампањата била платена со кредит од Комерцијална банка од 444.000 евра.
Од осваа сума половина била потрошени за реклама и пропаганда, а останатите за материјални трошоци- превоз и изнајмување на простор и опрема.
Коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ на Ахмети, потрошил околу 360.000 евра- скоро сите пари ги дале за реклами и пропаганда.
За владејачката партија од албанскиот блок донирале 40-тина граѓани и фирми, од кои се собрале 230.000 евра, па и ДУИ од изборите останал со долг од околу 130.000 евра.
Опозициската ДПА на Тачи од донации собрала нешто повеќе од 16 илјади евра а потрошила скоро 30. 000 евра.
За реклами се потрошиле само 8.000 евра, а најголем дел од парите се потрошени изнајмување на простор и опрема.
Пред 3 месеци, НОВА истражуваше кој се донирал за владејачката партија, а податоците беа објавени во текстот
Донирале за ВМРО уште пред да почне кампањата
Учителки, студенти, претседатели на месни заедници, административци, директори на локални подружници на државните институции, автомеханичари, но и невработени членови на младината на партијата се дел од луѓето кои дале донации од по илјада евра како физички лица во кампањата на коалацијата предводена од ВМРО ДПМНЕ. Имињата на донаторите се објавени во привремениот извештај за финансирање на кампањата кој партиите имаат обврска да го достават до Државната изборна комисија.
Нова ги истражуваше имињата на списоците со донатори со цел да дознаеме повеќе за мотивите за донирање на овие луѓе, нивните примања и начинот на кој ги уплатиле парите. Исто како и на претходните парламентарни избори, сите донатори парите ги уплаќале во исти денови, односно половината донирале на 5 Март, а другата половина на 8 Март.
Некои од луѓето со кои Нова се обиде да разговара, а кои можете да ги слушнете во видеото погоре, потврдија дека донирале за партијата, додека некои избегнаа да разговараат на темата.
Некои не можеа да се сетат кога точно донирале, а еден од нив тврди дека во банка донирал илјада евра пред месец и половина до два месеца, а во тој период изборната кампања не беше ниту започната, ниту пак банкарските сметки беа отворени. Според извештајот на ДПМНЕ тој донирал на 8 месецов.