Меѓународна дозвола е документ што ви е потребен во случај доколку ве запре полиција додека управувате возило во некоја друга држава. Ретко се случува сообраќајна полиција во странство да ја побара на увид меѓународната дозвола, но за секој случај не е на одмет да се поседува, оти казната на пример во Грција е 300 евра.
Меѓународна дозвола се вади на секоја локација каде се врши технички преглед на возилата. Како услов за да ја добиете е да немате забрана за управување на возилото во Македонија или некаква друга казна изречена од МВР со која на одреден период ви е одземена домашната возачка дозвола. Овој податок се проверува на шалтерот на МВР во секоја станица за технички преглед, а потоа службениците од станицата ви ја издаваат меѓународната дозвола.
Но, цената на меѓународната дозвола не е стандардна, туку е различна во секоја станица за технички преглед. Разликата во цената се движи од 700 до 1000 денари.
На пример, најефтина е во станиците за технички преглед во „Здружение на возачите“ каде истата чини 708 денари. За разлика од таму, во „АМСМ“ овој документ ќе го платите по цена од 950 денари.
НОВА ТВ праша во неколку локации и вака стојат работите.
Во станиците на „ПСС“ меѓународната дозвола чини 800 денари, во „АСУЦ „Боро Петрушевски““ 880 денари. Во „Сојузот на возачи“ се издава за 800 денари, во „Супер ауто контрол“ 755 денари.
Во „ЦРЦ“ цената е 767 денари, „АМД Охрид“ 845, „Центар за возила Струмица“ 800 денари, во „АМ ЦЕРТ“ 820, а во анкетата на НОВА ТВ убедливо најскапа меѓународна дозвола се издава во „Зѓими компани“ во тетовското село Порој.
Важноста на меѓународната дозвола е 3 години, но со истекот на важноста на националната возачка дозвола истекува и важноста на меѓународната возачка дозвола.