Меѓународната истрага треба да покаже кој на руско-украинската граница го урна малезискиот авион со 300 патници и членови на екипажот. Агенциите јавуваат дека е урнат со ракета земја- воздух. По што се урна на 40 километри пред влез во рускиот воздушен простор, односно над територија која ја контролираат проруските сепаратисти.
По оваа вест украинските власти ги затворија сите воздушни коридори на истокот на земјата, а авиопревозниците на европските земји и САД објавија дека нема повеќе летови над Украина.
По несреќата ОН свикаа итна седница на Советот за безбедност. Американскиот претседател Обама повика на итно запирање на конфликтот и започнување на независна меѓународна истрага.
И германската канцеларка Меркел побара итна истрага, а портпаролот на германската влада рече дека Меркел ја шокирал сомнежот дека авионот е срушен од толку голема висина, но ако сомнежите се потврдат, тоа може да доведе во ескалација на судирите во источна Украина.
– Москва треба да ја признае својата одговорност за осигурување на мировен напредок во Украина каде е потребно да се постигне примирје за да се истражат причините за падот на авионот. Постојат многу индиции дека авионот е срушен и сторителите мора да бидат изведени пред лицето на правдата, рече таа. Овие случувања уште еднаш ни покажаа дека е нужно политичко решение и пред се дека Русија е исто така одговорна за она што се случи, рече Меркел на конференцијата за печат во Берлин.