Третиот ден по погребот на 14-те мигранти кои загинаа откако воз удри во нив, на преживеаните роднини и пријатели им беше дозволено да ја посетат масовната гробница во Велес. Осуммината мигранти вчера откако дале изјава се збогувале со своите блиски роднини и сопатници. Глетката била потресна раскажува за НОВА Јасмин Реџепи од Граѓанската иницијатива „Легис“.
„Некои до нив тивко, а некои плачејќи на сиот глас, се збогуваа со своите блиски сопатници. Некои од нив загубија братучеди, роднини, а некои блиски пријатели. Единствено што побараа е гробовите да не им се заборават, имињата да им се напишат и во нашите молитви да не се заборават“, вели Јасмин Реџепи од „Легис“.
Македонските истражни органи се уште не можат да го утврдат идентитетот на загинатите мигранти кои се закопани во масовната гробница на муслиманските гробишта во Велес. На гробницата нема никакво обележје, надробна плоча или било каков знак што ќе покаже дека таму почиваат луѓе, странци чии тела се наоѓаат два метра под земјата. Се знае само дека сите се на возраст од 20 до 30 години. На телата не е направена обдукција и идентификација според меѓународните правила и стандарди, особено бидејќи станува збор за странски државјани.
Во Институтот за судска медицина се зачудени бидејќи никој не побарал од нив да се направи обдукција која е задолжителна процедура.
„Останавме шокирани бидејќи никој од нас не побара да направиме обдукција и идентификација. Не доликува за една ваква држава да не го направи тоа бидејќи меѓународните правила се јасни. Станува збор за странски државјани и ние сме обврзани на секој од нив да направиме обдукција и идентификација, бидејќи на ниту еден човек не смеат да му с е одземат граѓанските права“, изјави за НОВА Алексеј Дума директор на Институтот за судска медицина.
Фото:Фокус
Обвинителката Славица Темелковска која го води случајот за НОВА вели дека обдукција не е направена бидејќи причината за смртта била јасна, тие загинале откако воз удрил во нив. Таа вели дека бил земен материјал за ДНК профил кој се чува во МВР, во случај семејствата да побараат да се утврди идентитетот. Ноќта кога мигрантите загинаа не можеле да вршат идентификација бидејќи било темница и затоа се обидуваат тоа да го прават преку документи.
„Обдукација се прави кога има кривично дело, тука причината за смртта е јасна, тоа е удар од воз. Ние се обидуваме да ги идентификуваме и преку документи но, тоа оди тешко бидејќи податоците не се точни“, изјави за НОВА обвинителката Темелковска.
Некои од нив границата ја поминуваат без документи, некои ги уништуваат пред да влезат во државата. Кај некои од загинатите во документите имало имиња што не се совпаѓаат. При проверка на личните податоци кај еден од загинатите кој имал грчки документи било утврдено дека човекот со тоа име и презиме е жив и се наоѓа во Грција.
Во последните шест месеци по патишатата и пругите во Македонија усмртени се 27 мигранти, вклучителнои и бебиња, деца, жени кои ги напуштаат своите земји од Западна Азија и Централна Африка и на пат кон подобар живот транзитираат преку Македонија.
Тие што ќе бидат откриени се сместуваат во прифатниот центар во Гази Баба или во Визбегово. Таму се сметени и останатите осуммина мигранти кои беа учесници и сведоци на грозоморната несреќа во која загинаа нивните сопатници.
Таму ќе останат додека да заврши истрагата, а потоа ќе се одлучи што со нив, дали ќе бараат азил или ќе бидат вратени назад. Мигрантите во прифатниот центар остануваат со месеци, во услови кои се полоши од македонските затвори.
Хелсиншкиот комитет постојано реагира на нечовечките услови во кои се третираат миграните во нашата држава.
„Во Член 29 од Уставот на РМ стои дека странците уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори. Македонија како потписник на Европската конвенција за човекови права, покрај тоа што има обврска да се воздржи од одземање на животот, мора да преземе и соодветни чекори преку кои ќе ги заштити животите на оние лица кои се наоѓаат на нејзината територија. Ова особено се однесува на ситуации во кои државата е запознаена дека постојат ризици кои можат да доведат до губење на човечки животи. Истата обврска се однесува и на превенцијата и заштитата од тортура на сите лица кои се лишени од слобода“, велат во Хелсиншкиот комитет.
И покрај тоа што Министерството за внатрешни работи е запознаено со опасностите и ризиците на кои се подложни мигрантите и бегалците, државата не презема соодветни мерки да ги заштити нивните најосновни човекови права, велат од Хелсиншки комитет.
Пругите се необезбедени, не постои никаква сигнализација или знаци што би укажале на опасност за движење на луѓе, а на мигрантите и бегалците не им се обезбедува ниту најосновната хуманитарна помош.