Унгарската ограда и затворањето на границата со Србија ќе ја натера и Србија да ја затвори границата а по неа и Македонија би можела тоа да го стори, стравува извор на Европската комисија (ЕК) со кој разговараше НОВА.
Нашиот извор е критичен кон политиката за бегалците што ја води ЕУ и тврди дека многу порано можеле да се преземат мерки за да не се дојде до денешната ситуацијата која се повеќе наликува на хуманитарна катастрофа.
Досега Македонија има добиено 24 милиони евра помош од ЕУ за менаџирање на активностите поврзани со миграцијата како реновирање на полициските станици на границите, борбата против шверцот со луѓе и зајакнување на капацитетите на полицијата на границите.
За 2016 година ЕК ќе додели 12 милиони евра на Македонија за менаџирање на мигрантската криза.
И додека Унгарија најавува дека ќе направи нов ѕид на својата граница со Романија, организацијата Лекари без граници ја моли ЕУ да овозможи безбеден коридор преку кој бегалците ќе можат да влезат во Австрија, Германија, Белгија или други земји кои ги примаат.
– Дискусиите што се водат во ЕУ се комплетно нереални, тврди Олери Понтие од Лекари без граници за белгиската агенција Белга.
Вчера министрите за внатрешни на работи на ЕУ не успеаа да се договорат за распределба на 120.000 бегалци низ сите 28 земји членки иако состојбата е итна. Организацијата Лекари без граници потсетува дека состојбата се влошува повеќе месеци наназад и ќе стане катастрофална за време не зимските месеци.
Оттука предлогот на Лекарите без граници за безбеден коридор за бегалците. Организацијата вели дека од мај до денес спасила 15.000 бегалци во Грција, Италија, Македонија, Србија и Унгарија.
Унгарија денес ја затвори својата граница кон Србија и планира нова на границата со Романија, изјави министерот за надворешни работи.
– Владата одлучи да почне со подготовка за изградба на ограда на границата со Романија”, рече министерот. Според него, оваа мерка е неопходна затоа што “шверцерите на мигранти можат да го сменат патот поради постоечката ограда и дел од миграторската пресија може да се насочи кон Романија.
Во меѓувреме, најпознатите европски економисти ја советуваат Европа да ги прими бегалците. Тие тврдат дека тоа ќе и помогне на Европа да има поголем економски раст а истовремено тоа нема многу да чини.
Патрик Артус од банката Натиксис, во една своја белешка тврди дека бегалците за Европа се можност „не само да се оправда називот демократска Унија која е богата и ја почитува својата традиција, туку исто така да се зголемат перспективите за економски раст“.
Холгер Шмиединг од Беренберг Банк пресметал дека приемот на бегалците ќе го зголеми внатрешниот бруто производ на еврозоната за 0,2 отсто во 2015 година.
„Нашиот континент може и мора да биде големата земја за имиграција во 21 век“, пишува економистот Томас Пикети.

