Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потврди дека добил барање за дополнителни 20 луѓе за обезбедување на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски и тоа барање е процесуирано од Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање.
– Ние ќе добиеме стручни информации во однос на ова барање, па врз основа на тоа ќе го дадеме одговорот, рече Спасовски.
Груевски како причина за барањето навел дека неговото безмалку десетгодишно вршење на функцијата го правел во турбулентен временски период, како и на фактот дека е пратеник во Собранието, каде е претседател на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Груевски навел дека телохранителите ги бара на неопределено време, се додека има опасност по неговиот живот и личен интегритет.
Министерот рече дека и директорите на УБК и БЈБ, Сашо Мијалков и Митко Чавков имаат полициско обезбедување од шест, односно четири полициски службеници во времетраење направено врз основа на проценките направени од Управата за безбедност и контраразузнавање.
Спасовски рече дека се уште нема да преземе активности за вработените во УБК и во полициската единица Алфи на кои судот им одреди мерки поради можност од влијание врз сведоци, кои исто така се вработени во МВР. Ќе чека известување од Судот кој им определи притвор на обвинетите од СЈО во случајот „Тврдина-Таргет“ или забрана за контакти со колега-сведок во единицата на обвинетите полициски алфи во „Тортура“.
Досега 9-мина припадници на МВР се обвинети од СЈО и сите добија судски мерки од одземање пасош и пријавување во суд до притвор.

