Дисциплински постапки за сите оние кои биле инволвирани во случајот со глувонемото дете кое беше сместено во Заводот за заштита и рехабилитација „Бања Банско“, најави министерот за труд и социјала, Диме Спасов.
Во исто време ќе се направи и ревизија на Наодот за категоризација на десетгодишното глуво -немо дете кое беше сместено во Банско, каде било врзувано со јаже за да седи мирно.
-Случајот темелно го испитуваше социјална инспекција во рамките на Министерството, која за сето она што се потврди како недостаток или несоодветно постапување на службите презеде соодветна иницијатива за покренување дисциплински постапки на сите стручни работници кои постапувале по овој предмет, како и за вработените во Центарот за социјални работи во Битола поради несоодветно и ненавремено постапување, изјави Спасов.
Дисциплинска постапка ќе биде покрената и против вработените кои несоодветно се грижеле за детето во „Бања Банско“, како и постапка против службите и лицата кои работеле на овој предмет.
– Дополнително исто така по препораки на социјалната инспекција формирана е комисија за ревизија на наодот и мислењето кое што е издадено од повеќе лекари специјалисти кои ја извршиле категоризацијата на детето за вид и степен на попреченост со цел да провериме дали е таа направена согласно закон и согласно процедурите, потенцира Спасов.
НОВА ја контактираше директорката на Центарот на социјални грижи во Битола, Виолета Гаџовска. Таа кратко одговори дека се уште нема добиено никакво известување, ниту знае за дисциплинската постапката која ја најави министерот Спасов.
-Не знам, јас сум на состанок. Немаме добиено никакво известување за дисциплински мерки. Изјава од Центарот за овој случај нема да добиете, кратко изјави Гаџовска.
Случајот со десетгодишниот Леон Рапоски ја крена на нозе јавноста откако беше објавено дека бил врзан со јаже за кревет во Бања Банско. Детето е жртва на институциите и лекарите кои му дале погрешна дијагноза, што за НОВА го потврдија и во Јавната установа „Топанско поле“, каде што сега е сместено детето.
Осум стручни лица ставиле потпис на наодот во кој се вели дека Леон има физичка и психичка попреченост и е со телесен инвалидитет во тешка фирма. Но, реалната слика е поинаква. Леон е темпераментно момче, трча, скока, сака да се гушка и милува и плени со својата насмевка.
Досега никој го нема научено да го користи знаковниот јазик, па затоа со вработените и другарчињата во Заводот се разбира со мимики и гестови.
Хелсиншкиот Комитет најави дека ќе покрене кривични пријави против лицата кои учествувале во измачување на малиот Леон, но и против докторите кои го потпишале наодот кој не соодвествува со реалната психофизичка состојба на детето.
-Ние веќе подготвува кривични пријави за сите што учествувале. Несоодветно е да се бара дисциплинска одговорност во случајот, бидејќи се работи за дело тортура, изјави Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот Комитет.
Виолета Гаџовска, директорката на Центарот за социјални работи од Битола, на македонската јавност и е позната по случајот на малиот Бошко кој го одзема од семејството каде што беше згрижен без никакво образложение.
Подоцна се дозна дека Бошко експресно е одземен само заради тоа што медиумите известувале дека детето конечно нашло семејство кое ќе се грижи за него и не е повеќе во Домот за доенчиња во Битола.
-Случајот со Бошко е заклучен и нема да добиете никаква информација, беше децидна тогаш Гаџовска.
Бошко беше повторно вратен во Домот за доенчиња во Битола, каде се наоѓа и ден- денес, а постапката на Гаџовска кај граѓаните предизвика револт и незадоволство.
Иако одземањето на малиот Бошко од семејството наводно беше за да го заштити од медиумите, тоа не и засмета на Гаџовска, таа да се фотографира со Бошко на неговиот роденден три години подоцна и тоа заедно со градоначалникот Владимир Талевски, а фотографиите беа објавени без да се заштити ликот на детето.
Гаџовска ниту после овој случај не понесе одговорност, а Министерството за труд и социјала не ја смени од раководната функција. Бошко е бебето кое беше оставено од родителите веднаш по раѓањето бидејќи се роди со аномалија. Под притисок на медиумите, односно поранешната А1 телевизија бебето државата му стана законски старател по што лекарите го оперираа. Бошко сега е здраво петгодишно дете, но немаше среќа да остане во семејството кое го посвои и се уште е во Домот за доенчиња во Битола.