Архитектот и професор Мишко Ралев е нов претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ). Ралев, кој е професор на Факултетот за архитектура на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје беше избран на вчерашното собрание на ААМ. Доаѓа на местото на досегашниот претседател Мартин Пановски.
За нов претседател на Собранието на Асоцијацијата е избрана архитектката Искра Јанковска Михајловска.
Поради мерките за претпазливост од коронавирусот Собранието беше одржано на отворен простор во дворот на Архитектонскиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.
Новиот претседател Ралев ни рече дека Асоцијацијата има старо-ново раководство, затоа што смета дека треба да се задржат позитивните пракси кои ги имало претходното раководство.
„Тука мислам на контакти и врски со јавноста, со политичкиот естаблишмент, со локалната самопурава и со Министерството за транспорт и врски, на отвореност за сите критики, позитивни и негативни кои се однесуваат на исполнување на просторот. Асоцијацијата на архитекти има повеќе врска со архитектурата, не со архитектите. А архитектурата е поврзување, релација со луѓето. Ќе бидеме отворени за јавноста за сè она што значи исполнување на простор“, ни изјави Ралев.
Членови на Управен одбор на ААМ се архитектите: Мартин Деловски, Марта Илиевска, Јана Гугулоска- Ѓорѓевиќ, Бесиан Мехмети, Иван Арсовски и Александар Радевски.