Економскиот раст треба да биде поттикнат од развиените земји, и тие да преземат решителни мерки за надминување на глобалната криза која трае веќе пет години, нагласи Кристин Лагард, извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд.
Според неа, ризикот од продолжен период на слаб економски раст сеуште постои, додека едно од поголемите достигнувања е успешно избегнатата економска катастрофа, како што е распад на еврозоната.
„Сеуште е присутна длабока загриженост за економските мерки што се применуваат, како и пречките за економско заздравување, вклучително и ограничениот напредок на пост-кризните реформи“, изјави Лагард.
Лагард истакна дека Европа, Јапонија и САД заостануваат во спроведувањето мерки за воспоставување на цврст и одржлив глобален економски раст.
„Американските јавни финансии остануваат во неодржлива состојба и потребен е сеопфатен план за остварување на поголеми приходи. Во Јапонија, една од земјите со најголем јавен долг во светот, спроведувањето на краткорочни стимулирачки пакети го зголемува ризикот на државните финансии, поради што официјален Токио мора да разработи план за фискална консолидација и стратегија за раст“, предупредува ММФ.
Во однос на Европа, Лагард нагласи дека строгите мерки за штедење наметнати врз периферните земји членки на еврозоната како Грција, Италија и Португалија резултираат со исцрпеност од прилагодување, и раст на тензиите околу праведноста на тие мерки.