Кремљ денеска објави дека руски државјанин е ослободен од американски затвор во замена за ослободување од Москва на затворениот американски наставник Марк Фогел. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Русинот ќе се врати дома во наредните денови, а потоа Москва ќе го објави неговото име.
Песков ги информираше новинарите еден ден откако Русија го ослободи Фогел како дел од дипломатскиот договор за кој претседателот Трамп рече дека ќе помогне да се стави крај на руско-украинската војна.
Според него, Марк Фогел (63), кој работел како учител во американско училиште во Москва, во јули 2022 година бил осуден од московскиот суд на 14 години затвор за внесување канабис во земјата за медицинска употреба.
Вчера тој беше префрлен во Вашингтон каде што со Трамп во Белата куќа го прослави ослободувањето.
Трамп рече дека ослободувањето на Фогел „може да биде голема, важна пресвртница“ за ставање крај на тригодишната војна во Украина.
Запрашан за условите за ослободување на Фогел, претседателот Трамп само рече дека размената била „многу фер, многу разумна“ .
Русија нè третира многу добро. Во суштина, се надевам дека ова е почеток на врската каде што можеме да ја завршиме војната во Украина и да спречиме да бидат убиени милиони луѓе, коментира Трамп.
На прашањето што дале САД во замена за ослободувањето на Фогел, Трамп им рече на новинарите: „Не многу“ и го опиша ослободувањето како знак на добра волја од страна на Москва.