Рускиот регулатор за медиуми го блокира пристапот на францускиот канал „Еуроњуз“ во рамки на засилените контроли над информациите поврзани со рускиот напад во Украина. Според руските новински агенции, „Роскомнадзор“ ја блокираше страницата euronews.com и нејзината руска верзија ru.euronews.com врз основа на барање на Обвинителството. Мотивот за блокадата не е наведен.
Од почетокот на руската интервенција во Украина на 24 февруари, руските власти значително ја засилија контролата врз информации кои се појавуваат на интернет. На многу руски и странски медиуми, меѓу кои и на „Би-Би-Си“, им е забранет пристап, додека судот во Москва денеска ги прогласи Фејсбук и Инстаграм за „екстремистички организации“.
Ограничен е пристапот и на Твитер. Покрај тоа, „Роскомнадзор“ ги обвини Гугл и Јутјуб дека се занимаваат со „терористички активности“ што претставува прв чекор кон можна блокада.