Судот во Москва ја прогласи „Мета“, во чија сопственост се Фејсбук, Инстаграм и Ватсап, за „екстремистичка организација“ и забрани нејзина работа во Русија.
Руското државно Обвинителство прецизира дека корисниците на Фејсбук и на Инстаграм нема да се казнуваат ако продолжат да ги користат мрежите преку „обиколници“.
Мерките за забрана, сепак, нема да се однесуваат на Ватсап, бидејќи Обвинителството оцени дека таа апликација за допишување нема функција за „јавно ширење на информации“.
Обвинителството побара означување на „Мета“ за „екстремистичка организација“, откако се дозна дека Фејсбук и Инстаграм привремено им дозволија на корисниците во некои земји да можат да повикуваат на насилство врз руските војници и да посакуваат смрт на претседателите на Русија и на Белорусија, Владимир Путин, односно Александар Лукашенко.




