Над 1.000 украински војници, кои се предале во Мариупол, се префрлени во Русија поради истражни дејствија, изјави извор од полицијата за агенцијата ТАСС.
„Над 1.000 луѓе од Азовстал се префрлени во Русија. Со нив работат полициски службеници. Истражителите планираат да испратат и други затвореници во Русија во наредниот период“, рече изворот за ТАСС.
Според него, во Москва во моментот има околу 100 луѓе, „вклучувајќи ги и странските платеници кои се предале во Мариупол“, за што ТАСС во овој момент не може да добие официјални коментари од истражителите и полицијата за оваа информација.
Според руската страна, во челичарницата Азовстал се предале вкупно околу 2.400 лица, а Киев сега упорно бара нивно преземање преку размена на затвореници, иако некои руски функционери бараат на некои од предадените војници да им се суди.