Мострата од сецканиот свински врат кој се продавал во Гевгелија, а чиј производител е Екстра меин од Куманово, била испратена во Центарот за јавно здравје во Велес, потоа била испитувана на Институтот за микробиологија, па во лабораторијата на Факултетот за ветерина. Примерокот одбележан со број 2 секаде го покажал истиот резултат, дознава НОВА од високи извори на Факултетот за ветерина, но и од луѓе кои ги вршеле испитувањата.
И покрај тоа надлежните одложуваа да го соопштат резултатот, а спорниот свински врат дури денеска се повлекува од продавниците.
-Редно беше да го соопштат резултатот бидејќи за нас дилема нема. Мострата со број 2 е причинителот и се совпаѓа со бактеријата со која беа заразени луѓето, тврдат за НОВА извори кои ги вршеле анализите, кои сакаа да останат анонимни.
Комисијата за заразни болести доцна попладне го соопшти причинителот за заразата со опасната бакетрија листерија. Соопштено е дека со 98 % сигурност причинителот е во сецканиот свински врат од фирмата Екстрамеин од Куманово, кој е најден во малопродажба во Гевгелија.
-Со висок степен на сигурност можам да потврдам дека луѓето кои беа заразени со листерија имаат 98 проценти ист генетски тип со тој што е пронајден во свинскиот врат, изјави Звонко Миленковиќ, претседател на Комисијата за заразни болести.
Иако свинскиот врат е произведен во средина на јули, надлежните се сигурни дека, тоа е причината за бактеријата која однесе четири животи.
– Бактеријата е пронајдена во серијата на сецкан свински врат кој е со датум на производство од 21.07. 2014 до 04 10. 2014. Наредено е веднаш да биде повлечен од производство и до вечер тоа ќе биде направено, изјави Дејан Рунтевски директор на Агенцијата за храна.
Тој најави дека допрва ќе се прават анализи и ќе се испитуваат мостри од површините и масите во фабриката каде што се произведува сувомеснниот производ , но не кажа од каде Екстра меин го купувала месото.
Претставници од месната индустрија предупредуваат дека треба повеќе да се внимава на она месо што пристигнува во земјава по пат на увоз. Според законот казните се движат од 8000 евра за правното лице до 2500 евра за физичко лице.
Дали Македонија има капацитет да ги заврши анализите за причинителот Рунтевски рече дека иако не е акредитирана методата за генотипизација, лабораторијата на Факултетот за ветерина може со сигурност да ја заврши работата.
Неофицијално, НОВА дознава дека мострите ќе бидат испратени на испитување и во странство.
Анализи се извршени на 670 примероци, бактеријата е пронајдена во 30 кои термички се обработуваат и не претставуваат опасност по здравјето на луѓето, само за една од нив најдена во сувомесниот производ свински врат, сметаат дека е фатална.
Опасната бактерија листерија за еден месец одзема четири животи, а со неа беа заразени осум луѓе. Микробиолозите се зачудени бидејќи досега не се случило да прават толку многу анализи за кратко време.
-Во мојата 40 годишна пракса како микробиолог имам изолирано две пати листерија и тогаш викавме студенти да гледаат бидејќи е реткост, а сега за еден месец направивме осум анализи, изјави лекар од Институтот за микробиологија.
Надлежните немаат податоци дали заразените јаделе од овој производ , дали изворот на зараза е ист кај сите. Лекарски извори за НОВА велат дека тоа може и никогаш да не се открие, ниту пак, дали имаат некаква поврзаност меѓу себе. Заболените и починатите се од различни градови, а меѓу нив имаше и едно новороденче.
Изворот на зараза најчесто се животните кои конзумирале лошо подготвена храна, најчесто со микроорганизми и фекалии. Стручњаците велат дека преку нив се заразува и човекот доколку месото и млекото не се термички обработени.
Процентот на смртност од бактеријата листерија во светски рамки се движи од 20 до 30 проценти. Иако на почеток има лесни симптоми и најчесто поминува како стомачна инфекција, болеста може да биде фатална за трудниците или луѓето со намален имунитет и се манифестира со менингитис или сепса. Се проценува дека свет годишно од оваа болест има четири случаи на еден милион жители.
Во САД има од 2-3 случаи до 9,7 случаи на милион жители. Во Европа листериозата како болест во последните години е повеќе зачестена од порано, особено во Скандинавија и Франција и тоа кај луѓе постари од 60 години.
Во Македонија, земја со два милиони жители за еден месец починаа четири лица, а уште толку се заразија.