Книгата на Нано Ружин со наслов ,,Европската идеја и балканските иконографии”,е преведена и изложена на штандот на ,,Европскиот центар за мир и развој”, на саемот на книгата во Белград. Ова е една од ретките книги од македонски автор кои во последно време се издадени и преведени во Република Србија.
Авторот настојува низ анализата на иконографиите на балканските народи споредени со иконографиите на европската идеја да ефектуира една историска, геополитичка и културолошка анализа меѓу добрата Европа и лошиот Балкан. Иконографијата ги претставува сите симболи на идентитетот и хомогенизацијата на една група, заедница, етникум, држава.
Јазикот, обичаите, религијата, писмото се вековните иконографии на секој народ. Освен спомнатните постојат и вештачки иконографии чии автори се големите политички манипулатори, демагози и диктатори.Во тој ред се наброени Мусолини, Хитлер,Сталин, југословенската повоена иконографија на Тито.
Ружин ги анализира иконографиите на повоена Македонија, Македонија на транзицијата се до најсовремените случаи на антиквизација и барокизација на РМ .
Она што посебно е интересно во овој проект е процесот на рушење и на настанокот на новите иконографии во Европа и на Балканот. Овој обемен труд содржи 412 страници и е во издание на Европскиот центар за мир и развој-академска единица на ООН на Балканот и пошироко.