Врховниот суд на Венецуела бил нападнат во раните утрински часови откако хеликоптер испуштил неколку гранати врз објектот. Според претседателот Николас Мадуро се работи за “терористички напад“.
Веднаш по нападот во Венецуела се појавила снимка од пилотот кој управувал со хеликоптерот, на која се одрекол од Владата која ја предводи Мадуро.
Ваквиот развој на настаните доаѓа по неколку месеци големи протести во државата, каде опозицијата не ги признава Мадуро и Врховниот суд.
Според Ројтерс, четири гранати биле фрлени врз Судот, а 15 куршуми биле истрелани кон Министерството за внатрешни работи.
Засега нема пријавено ниту една жртва.
Мадуро веднаш ја алармирал војската и ја ставил на готовс.
„Ја активирав целата армија да го брани мирот. Порано или подоцна ќе го фатиме хеликоптерот и извршителите на овој терористички напад“, изјави Мадуро.
Пилотот на видеото се идентификувал како Оскар Перез. Тој пак побарал од Венецуелците да се откажат од “тиранијата“ на актуелниот претседател.
„Ние сме коалиција од воени структури, полицајци и цивили кои сме против криминалната влада. Не припаѓаме на ниту еден политички огранок. Ние сме националисти, патриоти и институционалисти“, вели Перез во видеото.
Според Мадуро, Оскар Перез порано работел за министерот за внатрешни работи и правда, Мигел Родригез Торес, но одамна престанала нивната соработка.

