Полицијата во извештајот навела дека непознат маж му пришол синоќа на 43-годишниот Филин и му истурил киселина врз лицето во моментот кога излегувал од својот автомобил пред својот дом во центарот на Москва.
Руската државна телевизија соопштила дека се стравува дека Филин ќе го загуби видот, а нема да може да зборува најмалку две недели, како и дека ќе му бидат потребни шест месеци за да заздрави.
Пријателка на Филин изјавила дека тој добивал закани од март 2011, кога бил именуван за уметнички директор на „Баљшој“.
„Истото им се случуваше и на неговите претходници“, ја пренела изјавата руската телевизија.
Портпаролката на театарот Катарина Новикова во изјавата за рускиот Канал 1 потврдила дека Филин добивал закани. Тие се сомневаат дека тој е жртва на внатрешните конфликти и нетрпеливости меѓу различните групи на танчари и менаџери во „Баљшој“.