Војникот во униформа патролирал со уште двајца мажи, во рамките на антитерористичкиот план за надгледување, кога напаѓачот околу 18 часот му пришол од зад грб и го прободел во вратот со нож или со скалпел, пренесува Ројтерс.
Тој во критична состојба бил пренесен во блиската воена болница. Пјер-Андре Пејвел, началникот на полицијата, рекол дека војникот загубил многу крв, но дека не му е загрозен животот.
Инцидентот се случил во француската четврт Ла Дефанс во Париз.
Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека властите ја истражуваат секоја можна врска на нападот врз 23-годишниот војник во париската четврт Ла Дефанс со неодамнешното убиство на британскиот војник.
Повикувајќи се на полициски извори, француските медиуми соопштуваат дека осомничениот напаѓач е на возраст од околу 30 години, со брада од северноафриканско потекло, облечен во арапски панталони.
Само пред неколку дена во јужен Лондон се случи сурово убиство – на војникот со мачета му беше отсечена главата.