Дваесет лица се убиени, а 26 се повредени е билансот на вчерашното масовно пукање во градот Ел Пасо во Тексас. Гувернерот Грег Абот рече дека ова е „еден од најсмртоносните денови во историјата на Тексас“.
Масакрот се случи во трговскиот центар „Волмарт“ на неколку милји од границата меѓу САД и Мексико. Според американските медиуми, приведен е Патрик Крусиус (21) како осомничен за масакрот кој, според полициски извори, живеел на 1.000 км. источно од Ел Пасо.
На видео снимките се гледа како тој е облечен во темна маица, има штитници за уши и држи пушка во рацете.
Пукањето во Тексас се смета за осмо најсмртоносно во модерната американска историја. Американскиот претседател Доналд Трамп го опиша нападот како „чин на кукавичлак“.