Не можам прецизно да го адресирам моево обраќање затоа што, гледам, со проблемов се занимаваат и не сосема соодветни министри. Иако член на Влада не може да е несоодветен за што било во државата, сепак, малку е чудно Вицепремиер за економски прашања да третира образовни проблеми. Можеби големата вештина за преговарање го ставила господинот Пешевски во таа позиција. Можеби неговиот СИЛЕН авторитет!
Но имате ли разбрано ШТО тоа, тие сакаат?
Тие имаат свое мислење за реформите во образовниот систем: дека се несоодветни, дека се несоодветно воведени и дека нивните цели се нејасни. Поради тој факт, тие бараат да бидат вклучени во дефинирање на реформите, во нивното спроведување и во тајмингот на нивното воведување.
Тие се ЗА образование со систем кој нема да биде ПОЛОШ од оној по кој и вие се школувавте.
И што е тука спорно? Ќе го загубиме чекорот со Европа???
Разбирате ли дека тие се најголемата наша НАДЕЖ ?!
Сте биле млади. Сигурно ги помните вашите први обиди да направите нешто, да започнете нешто. И сега во вашите зборови им ветувате дека иднината не е само ваша привилегија. И дека надежта се однесува и на нашите деца.
Но со својот однос вие покажувате дека ОВА се вашите лажни идеали. Вашето вистинско лице на „големи“ политичари на кои приземните размислувања не им доликуваат. Однос, како после вас, да не постои младост, како да не вредат нивните идеали, како да не може да им се верува!
Мислите ли дека се премлади за да сакаат нешто? Дека не ЗНААТ што сакаат?!
Вие не бевте многу повозрасни кога го презедовте водството на нашата татковина, форсиравте младост, енергија, бевте наша надеж. НИе ви ја дадовме таа шанса.
Сфативте ли дека тие, и покрај сѐ, ИНСИСТИРААТ да учат?
Излезете налку од таа затворена ваша перцепција во која ги гледате нив како ваши противници. Престанете да им поставувате црвени линии, да дефинирате КОНЕЧНИ ставови и конечни неможности нешто да направите за нив.
СРАМ ДА ВИ Е!
Се обидувате да убедите некого дека сте совршени?! Дека сте господари на вистината и единствени ментори на развојот???
Грешите, господа владетели!!!
Вистинскиот развој е невозможен ако е едонстрано креиран.
Нашите деца сакаат да учат. Но не само математика, географија, историја……Сакаат да научат како да го водат своето семејство, својата заедница, својата татковина, човештвото, воопшто.
Вие тоа вие не сте го сфатиле!
Разбирате ли дека нивниот младешки ПРКОС и ЕНЕРГИЈА се поголеми од вашата суета? Од вашата гордост?
Сѐ зедовте предвид, но заборавивте на најважното. Заборавивте дека децата НЕ СЕ САМИ!!!
И не се само во ,,кампот“, исправени пред вашето слепило со кое не можете да ги видите. Тие се всушност во најголемото животно училиште. Таму каде што се учи за единството, за вербата, за верноста, за борбата, за идеалот.
Таму каде што секојдневно ви држат лекција по уредно организирање протест.
Чекаат! Ве чекаат вас. Чекаат да се разбуди вашата совест.
Еден дел од вас направи политичка кариера токму со вакви протести. Тој дел од вас требаше да биде со овие деца, да ги охрабри, да ги поддржи, да им честита на организацијата. На редот.
Вие дебело ги злоупотребувате нивните идеали, нивната амбиција, нивниот младешки активизам.
ЗОШТО МАНИПУЛИРАТЕ СО НИВ???
Мислите дека ќе ја задушите нивната верба, нивните цели, личниот влог, посветеноста, жртвата којашто ја дадоа сиве овие недели наназад?!
Ако ние дозволиме да ги изгубат своите надежи, своите соништа, својата амбиција – тогаш сите ние, заедно со вас, сме ја изгубиле иднината.
НИЕ СТОИМЕ ЗАД НАШИТЕ ДЕЦА!!!
Тие се нашето богатство , а не ваш инструмент!!!
И сосема на крај, сакам да ви кажам дека станувате сѐ посимпатични.
Со вашата неразумност, ја разбудивте нивната креативност, го забрзавте нивното созревање, го отворивте нивниот критички ум.
Затоа, владетели, ете затоа – тие се НАШАТА ГОРДОСТ!!!
Скопје,07.05.2015год. Сашо Богданоски