Во СДСМ вчера се славеше. Имаше и зошто во голема мерка. Во само две години, повлекоа два државнички, но непопуларни потези какви што беа договорите со Грција и Бугарија. Затворија две отворени прашања кои за жал, со децении беа влечкани и манипулирани од други политички структури кои многу добро знаеја дека тие компромиси некој, еден ден, ќе мора да ги направи за доброто и иднината на сите граѓани на Северна Македонија. Двете одлуки беа донесени одговорно и храбро, знаејќи дека ќе се одразат врз рејтингот на партијата. И покрај тоа, СДСМ вчера успеа да победи.
Сепак, сите кои беа во штабот на СДСМ го почувствуваа горчливиот вкус во партијата, кој дојде како резултат на поразот што СДСМ го доживеа во многу општини во кои само пред година и неколку месеци славеа победа на локалните избори. Видлив е поразот на социјалдемократите во општините во Скопје, во Битола, Прилеп, Гевгелија… Очигледно е дека голем број од граѓаните изразија незадоволство од резултатите кои ги покажаа, пред се, градоначалниците од редовите на СДСМ. Наместо конкретни резултати кои ќе направат видлива разлика во квалитетот на животот и односот на градските власти кон граѓаните, во изминатава година, голем дел од новите градоначалници покажаа ароганција, неинветнивност, мрзеливост и синдром на „локално шерифување”.
Лично, јас, како граѓанин на Скопје, на пример, не можам да разберам ниту пак да добијам разумен одговор, како е можно, на пример, да не можете да решите прашања поврзани со елементарната хигиена на градот. Како дете го паметам камионот на Комунална хигиена кој со шмрк, барем еднаш во неделата, ја „бањаше“ секоја една уличка во градот.
Што се случи со тие камиони? Каде се? Зошто не се употребуваат сега во 2019 ако беа активни во 80 години на минатиот век? Зошто ни е градот толку нечист?
Јас ја разбирам и одговорноста на граѓаните во таа смисла, но сепак не можам да прифатам дека градските власти немаат решенија за овие проблеми. Или на пример, како е можно да имате улици во градот кои се постојано блокирани на начин кој оневозможува пристап на Брзата помош или Противпожарна служба до домовите на некои наши сограѓани. Или, како е можно градот да не ја добие потребната звучна сигнализација во сообраќајот во функција на нашите сограѓани со посебни потреби.
Конечно Скопје доживеа шок од манијакалната опсесија на Груевски со неговото кој знае какво минато изразена во проектот „Скопје 2014“. Скопските власти на мрднаа со мал прст да покажат дека го слушнале нашиот глас и дека имаат волја да направат каква било ограда од тој проект. Конечно, да направат било што за да почувствуваме разлика од начинот на владеење кој со децении го фрустрира граѓанството.
И не можам, а да не го споменам моето лично доживување на една епизода на градоначалникот Шилегов.
По првиот изборен круг во кој СДСМ според изборниот резултат доби силна шлаканица од гласачите, градоначаликот мртов – ладен да отпатува во Барселона за да следи фудбалски натпревар. Мислам…малку здрав разум само и јасно е.
Или што да се каже за општините Аеродром и Кисела Вода… Срамота!?… делува пренежно. Или што да се каже за локални власти кои во пресрет на изборите земаат столчиња и клупи од ученици за да ги стават во фукција на некаков си протокол за Папата…па Ве молам имате ли малку доблест!?
Не знам како е во другите градови, но мислам дека имам доволно искуство да претпоставам дека е полошо од Скопје и дека граѓаните таа незаинтересираност и неинвентивност да се направи разлика и да се покаже друга култура на владеење лесно ја препознаа и така и се поставија на вчерашните избори.
Централната власт можеби има некакво алиби со тоа дека во изминатите две години, голем дел од нејзините ресурси беа трошени во реализација на историски значајни Договори како оние со Бугарија и Грција, па сепак… Што се случува со министерствата за образовение, култрура, економија? Што е тоа што тие го прават, а ние две години не можеме да го видиме!?
Затоа СДСМ мора серизно да ја прочита пораката на граѓаните и веќе на крајот од овој месец да почне да влече потези кои ќе се одразат во квалитетот на животот на граѓаните, кои патем, се доволно свесни и не очекуваат дека нивните локални заедници преку ноќ ќе добијат скандинавски квалитети, но сепак, исто така, се свесни дека постојат многу работи кои можат да се направат само со малку повеќе почит укажана кон нив. Конечно, и покрај насобраното незадоволство, граѓаните знаеја да препознаат кој се крие зад маската наречена Гога и излегоа да го спасат проевропскиот пат на оваа Влада и, меѓу минатото и иднината, ја избраа иднината. Затоа, заслужуваат во владејачките партии да заигра, не метла, туку Кирби… веднаш.
И запомнете сите вие во институциите дека она што Англичаните многу експлицитно го именуваат – Слуги на граѓаните.
П.С.
За оние кои не гласаа дека биле незадоволни што Македонија после оној девастирачки циклон „Никола” по само две години не станала Шведска, оставам да зборува Фејсбукот.