И покрај најавите, не се одржа контра геј-парада во Скопје која за денеска беше најавувана на социјалните мрежи. На социјалната мрежа Фејсбук од вчера се најави собирање на демонстрантите пред Соборниот храм Свети Климент Охридски од 14-15 часот, по што ќе тргнат кон Собранието и кој Плоштадот Македонија.
Сепак, попладнево, во дворот на Соборниот храм немаше собир, а беше регистрирано полициското комбе паркирано пред црквата, кое потоа го напушти храмот.
Денеска Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници и Хелсиншкиот комитет поднела пријава до Министерството за внатрешни работи за поттикнување на дискриминација и насилство, против неидентификуваните организатори на „Контра геј-парада“.
„Очекуваме од МВР да ги преземе сите неопходни мерки за заштита од насилство, дискриминација и ширење омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, и да овозможи мирно и непречено одвивање на планираните активности во „Неделата на гордоста“соопшти Коалицијата.
Тие ја повикуваа и Македонската православна црква да се огради од овој настан, и да ја спречи злоупотребата на верските храмови за активности кои вклучуваат ширење на омраза и нетолеранција.
Коалицијата реагирапе дека не е организирано одржување на никаква геј-парада, туку започнува „Неделата на гордоста“, во чии рамки ќе бидат одржани повеќе настани, но ниту еден од нив не предвидува јавен марш.