Билјана Кочоска: Добре дојдовте на собирот на лешинари, глодари, некрофили и аматерски уценувачи на трагедии. Да, тука сме! Зошто? Па затоа што, според некои, ние уживаме во туѓа болка. Барем така велат тие што веќе со години болката ја претворија во своја дневна рутина. Ние не сме обични граѓани. Според нив, сме некаква хибридна ѕверка – тајна секта, странска служба и политичка НВО, со буџет колку една сметка за струја. Ние не бараме правда, туку крв. Не сакаме безбедност, туку власт. Така викаат. Неспоиво е, според нив, едноставно да ти е доста. Да, сите ние што работиме, сме, наводно, платеници. Со плати што едвај стигаат до крај на месец. Но еве една разлика: ние сме платени за работа. Тие – платени од сите нас – за да го средат системот. А не го средуваат. И замислете ја иронијата: оние што не мрднуваат прст, нè нарекуваат нас платеници затоа што сме си ја платиле сметката и сме дошле на протест.
Извор: Фронтлајн