Истече рокот на украинската влада за про-руските демонстранти, кои требаше да се откажат од оружјето и да ги напуштат зградите на градските управи. Нема знаци за согласност од про-руските поддржувачи во градовите во источниот дел, Доњецк и Славјонск.
Актуелниот претседател Олександар Турчинов претходно ги предупреди демонстрантите дека доколку не се согласат на ултиматумот, ќе се соочат со „целосна анти-терористичка операција“.
Тој нагласи дека раководството на Украина не е против одржување на референдум во државата како што бараат демонстрантите, посочувајќи дека тој би можел да се одржи во исто време со претседателските избори на 25 мај.
Украинскиот амбасадор при ОН, Јуриј Сергеев ја обвини Русија за спонзорирање на тероризам со тоа што праќа специјални агенти во Украина за изведување на диверзии и саботажи.
– Русија поддржува терористи кои во Украина ги заземаа владините згради и го запленија оружјето на украинската полиција, изјави Сергеев.
Амбасадорката на САД при ОН Сандра Пауер вели, знае кој стои зад вооружените лица кои бараат референдум. Според неа, само Русија може да го координира тоа.
За ситуацијата во Украина и односите со Русија, денес во Луксембург ќе расправаат шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ.