По два месеци сага, капитенот на Бразил, Нејмар синоќа конечно го комплетираше најскапиот трансфер во историјата на фудбалот и премина од Барселона во Парис Сент Жермен за вртоглави 222 милиони евра.
„Сакав нов предизвик“ е одговорот на Нејмат кон сите кои го критикуваат за овој трансфер но и за оние кои се возбудени за она што може да се очекува од него во друг дрес и надвор сенката на еден од најдобрите фудбалери во историјата, Лионел Меси.
Нејмар со Барселона освои се што можеше да се освои, односно седум големи троефи во четири сезони, меѓу кои Лигата на Шампионите и шпанската Ла Лига.
„Освоив се што еден играч може да освои. Проживеав неверојатни моменти. Но потребен ми е нов предизвик“, изјави Нејмат по остварениот трансфер.
Целиот трансфер на Нејмар, со откупната клаузула која ПСЖ и ја плати на Барселона, вредноста на договорот од пет години и бонусите, вреди неверојатни 400 милиони фунти.
Според него, тој се приклучува на тим кој има големи амбиции да ја освои Лигата на Шампионите и да стане доминантен тим во Европа од типот на Барселона, Реал Мадрид, Јувентус, Баерн Минхен, Манчестер Јунајтед, Челзи, Ливерпул, Милан и други.
„Ме привлече амбицијата на ПСЖ, како и енергијата која овој клуб ја носи. Јас чувствувам дека сум подготвен за овој нов предизвик и ќе сторам се за моите нови соиграчи и за фановите на овој клуб да достигнеме нови височини“, дополни Нејмар.
Се очекува тој да биде претставен како нов играч на ПСЖ пред почетокот на натпреварот од домашното првенство веќе во сабота (05.08.2017), кога вицепрвакот го отвора првенството против Амиен, а на наредниот меч и да стартува за својот нов тим.


