Хрватскиот инспекторат ја забрани продажбата и ги повлече од употреба јакните за деца “Good Kid“ и “YA Doctor“ со потекло од Кина, како и костимите за капење за девојчиња“Summer love“ исто така произведени во Кина. Тие се најдоа на листата на опасни производи и преставуваат ризик за сигурноста и здравјето на децата бидејќи имаат предолги врвки околу вратот кои може да доведат до задушување кај малите деца, со што не се во согласност со стандарите се вели во образложението на Државниот инспекторат на Хрватска.
Покрај ова, забранети и повлечени од употреба се и запалките во облик на пиштол и кибрит, едниот од тип“ CAK SAN“произведен во Турција, а другиот од производителот “Hong HC Cheng“од Хонк Конг.
Овие производи, според инспекторатот, се најдоа на црната листа на забранети производи бидејќи нивниот облик ги привлекува децата и преставува ризик од изгореници и пожар, а со тоа не е во согласност со хрватските стандарди и закони. Со ова, хрватските граѓани, во случајот децата преку нормативи кои ги има воведено државата се заштитуваат од напливот на несигурни производи, опасни по нивното здравје.
НОВА се обиде да истражи дали во Македонија има стандари со кои се заштитува здравјето на граѓаните од опасни производи кои неконтролирано влегуваат на нашиот пазар и доколку има дали се почитуваат. Дали се испитува квалитетот на материјалот од кој се направени бидејќи и тој може да биде опасен за здравјето доколку содржи штетни супстанци во себе.
Првата институција во која се обративме беше Државниот санитарен и здравствен инспекторат во Министерството за здравство. Кога им објаснивме што не интересира кратко одговорија дека тие не го прават тоа, односно не го контролираат квалитетот на облеката.
-Ние не ја испитуваме облеката, испитуваме само козметички производи, детски играчки и предмети за општа употреба за домаќинствата, како што е тоалет хартијата на пример изјавија за НОВА од овој инспекторат.
Следен беше Државниот пазарен инспекторат, бидејќи од Санитарниот и здравствен инспекторат топката ја префрлија таму. Инспекторот со кој разговараме, а кој сакаше да остане анонимен, за НОВА изјави дека според Законот за стандарди пред 10 години овие работи во Македонија се испитувале, но сега Законот не е на сила и тие немаат надлежност да вршат такви контроли.
-Мислам дека треба некој институт или лабораторија да вршат такви испитувања. Нема стандарди во тој домен, нашите контроли сега се ограничени само во делот на декларацијата, дали е напишана на македонски јазик со кирилично писмо, во себе да содржи податоци за цената, составот, начинот на одржување , податоци за увозникот, како и земјата на потекло на производот. Други контроли и анализи не се прават изјавија за НОВА од Државниот пазарен инспекторат.
Од овој инспекторат не знаеја да ни посочат дали некоја лабораторија во државата врши испитувања на облеката. Не се испитува квалитетот на облеката, ниту постојат стандари што треба да се увезува, а што не. Пред извесно време во странските медими обајавија листа на познати брендови кои користиле ризични ткаенини при изработката на облека. Кај нас
дури и долгите врвки од облеката на бебињата, сошиени околу вратот, честити алергии по телото, не ги загрижуваат надлежните дека треба нешто да се направи во тој домен.
Родителите со кои разговараме се насмеаја на ова прашање. Тие велат дека се оставени сами на себе, да се грижат се што се наоѓа на рафтовите во продавниците.
-Јас како родител, сама се грижам и размислувам за тоа што го купувам. Но, има родители што не се информирани, или се необразовани, сиромашни, па купуваат што ќе им дојде под рака. Но, и да наидам на некој таков производ нема каде да се обратам бидејќи Организацијата на потрошувачи во последно време како да не постои, изјави Иванка К. мајка на тригодишно дете.
Што се однесува до децата, бидејќи тие се изложени на најголем ризик, педијатрите велат дека опасноста е на секој чекор и треба да се посвети внимание на нивната безбедност.
-Децата се изложени на многу опасности почнувајќи од врвката на облеката, па до решетки од оградата каде што можат да си ја заглават главата. Нормално е дека Инспекторатот треба да си ја врши својата работа, но основно е да се направи еден систем за заштита на децата тргнувајќи од здравстеното воспитување на родителите до институциите како што се градинките и училиштата изјави за НОВА педијатарот Марина Поп Лазаровска.
Остануваат, отворени прашањета како граѓаните на Македонија да се заштитат од наплив на ризична или неквалитетна облека, особено од таа што доаѓа од Кина. Зошто во државата не постојат стандарди за сите производи, што треба да се продава, а што не. Дали надлежните размислуваат декана пат кон ЕУ ќе мора да поработат на оваа проблематика за да можат да се вклопат во големото семејство и да ги постават стандардите кои се бараат од нас.